Блажени се оние кои плачат
 
 
 
 
 

Блажени се оние кои плачат (16.01.2013)

Блажени се оние кои плачат за повеќе добрина во луѓето и меѓу луѓето, бидејќи малку ја има; кои плачат за повеќе љубов, зашто и неа малку ја има; кои плачат за повеќе правда, затоа што и од неа има малку. Блажени се сите кои плачат за повеќе вистина, за повеќе молитви, за повеќе пост, радост, милосрдие во луѓето и меѓу луѓето. Блажени се оние кои плачат за повеќе светлина, за повеќе бесмртност, за вечност, за повеќе ангели, за повеќе од сѐ Божјо во луѓето и меѓу луѓето. Блжени се, бидејќи додека плачат – благиот Утешител, Светиот Дух: Духот на Вистината, Духот на Вечноста, Духот на Правдата, Духот на Љубовта, Духот на Радоста, Духот на Бесмртноста, Духот на Светлината невидливо врз душите на расплаканите ја разлева и Светлината, и Вистината, и Правдата, и Љубовта, и Радоста, и Бесмртноста, и Вечноста.

Блажен е човекот кој за време на молитвата кон Пресвета Богородица ќе заплаче од радосно умиление затоа што постои Таа – чудесната Молитвеничка за целиот човечки род и семилостивата Помошничка во секоја мака и неволја. Блажен е човекот кој ќе заплаче од радосното чувство дека постои толку прекрасен, толку човекољубив, толку семилосрден Спасител на светот како што е Господ Христос. Блажен е човекот кој ќе заплаче од радост што околу себе има толку илјади свети сведоци за Христовата Благавест. Блажен е човекот кој плаче од радост затоа што постојат многу луѓе кои живеат според Божјите заповеди, и зашто има тајни евангелски дела, подвизи, расположенија. Блажен е човекот кој плаче од молитвена благодарност затоа што чудесниот Богочовек ја создаде Црквата од ангели и луѓе, и им дозволи да живеат заедно како браќа. Блажен е човекот кој плаче од умиление пред скромноста, милосрдието, човекољубието, страдањето, пред трпението на кроткиот Господ Исус. Блажен е човекот кој во молитвата ќе заплаче трогнат од страдањето на некој маченик или од подвигот на некој светител. Воопшто, блажен е човекот, секој човек, кој плаче пред сѐ свето, евангелско, Божјо.

Преподобен Јустин Ќелијски