Зошто многу луѓе не успеваат на патот кон обожението?
 
 
 
 
 

Зошто многу луѓе не успеваат на патот кон обожението? (04.10.2012)

Иако, како луѓе, сите сме го примиле повикот за таа возвишена цел – да се соединиме со Бога, да станеме богови по благодат и да уживаме во големото блаженство за кое и нѐ создал нашиот Творец, ние често живееме како таа голема и највисока цел воопшто да не постои. Тогаш нашиот живот е претвора во неуспех.

Светиот Бог нѐ создаде заради обожението. Според тоа, ако не се обожиме, целиот наш живот ќе биде промашување.

Да спомнеме некои од причините за тоа:

а) Обземеноста со световните грижи

Човекот (во животот) прави многу добри и благородни нешта како што се: учењето, работењето на својата работа, семејниот живот, стекнувањето на имот, милосрдни дела... Кога ќе го сфатиме светот и ќе го употребиме на евхаристиски (благодарен) начин, како Божји дар, тогаш сѐ нѐ соединува со Бога и сѐ станува средство за општење со Бога. Но, ако не го живееме животот во заедница со Бога, тогаш сме пропаднале. И сѐ што правиме е залудно.

Обично луѓето промашуваат во животот затоа што им даваат предност на второстепените цели во својот живот. Тие не го поставуваат обожението како прва и најважна цел. Тие не се преокупирани со вечните работи. Тие со целото свое срце се предаваат на второстепените цели и забораваат на „она единственото, кое е потребно“.

Денес луѓето непрестајно се зафатени и постојано „фантазираат“ – и можеби тоа е планот на ѓаволот, ако може да ги измами и избраните! Последицата од ова е и луѓето (побожни) да го запостават своето спасение. На пример, денес мораме да учиме или читаме, и затоа немаме време да се молиме, немаме време да одиме на боголсужби и немаме време за Светата Тајна Исповед и за Светата Причест! Утре ќе мора да одиме на овој или оној собир или состанок, ќе мораме да ги исполниме општествените и личните должности и пак – нема да имаме време за Бога! Задутре ќе мора да одиме на венчавка и да завршиме други семејни обврски, и пак нема да можеме да правиме духовни работи. Всушност, ние со тоа, непрестајно му повторуваме на Бога: „Те молам, прости ми... не можам да дојдам“.

И така сето она убаво и законско што го правиме ја губи својата вредност. Сите гореспомнати животни работи имаат своја вистинска, суштинска вредност, единствено кога се извршуваат со Божја благодат. Со други зборови, кога ги вршиме во Божја слава. Сите тие работи имаат вистинска и суштинска вредност само доколку ние сакаме и се трудиме кон она што е над учењето, и над работата, и над семејството, и над секое друго земно добро и секоја должност и активност. Сето ова има вистинска и суштинска вредност само доколку ние тежнееме кон обожението. Само во тој случај сите овие работи имаат своја вистинска смисла и своја вечна перспектива, и ние од нив имаме двојна полза.

Господ рекол: „Барајте го најанпред Божјото Царство и Неговата правда, и сѐ останато ќе ви се додаде. Божјото Царство е обожението, стекнувањето на Светиот Дух. Кога Божјата благодат ќе влезе во човекот и ќе живее во него, тогаш човекот живее според Бога. Преку оние кои се обожиле, Божјата благодат влегува во животите на сите останати луѓе, и ние, преку обожените луѓе, општиме со Божјото Царство.

Како што учат светите Отци, реченицата од Господовата молитва: „да дојде Царството Твое“, значи – „да дојде благодатта на Светиот Дух“. А кога благодатта ќе дојде кај човекот, таа и го обожува.

б) Морализмот

За жал, духот на морализмот, за кој сме зборувале како за дух на сведување на христијанскиот живот исклучиво на моралното усовршување, духот кој е последица на западните теолошки влијанија, во голема мера, на негативен начин, влијае врз побожноста и духовноста на христијаните во ова наше време, поради што, многу христијани воопшто и не тежнеат кон обожението.

Учењето за моралното усовршување (како цел на животот), не е ништо друго, туку човекоцентрично поставување на човекот во средиштето на животот. Човечкиот труд, а не Божјата благодат, владее со ваквиот поглед на светот, давајќи впечаток дека она што нѐ спасува не е Божјата благодат, туку нашите морални принципи. Во таквите околности и таквата духовна состојба, христијаните се лишени од вистинското искуство во Бога и човековата душа не ја добива вистинската утеха, ниту нејзината духовна жед се смирува. Моралистичката духовност со која многу пробувале да живеат и во тој обид претрпеле неуспех, не е вистинскиот израз на автентичниот дух на Божјата Црква и во голема мера е одговорна за појавата на атеизмот и рамнодушноста кон духовниот живот кај многу наши ближни, а особено кај младите луѓе.

Сите ние, и родителите, и учителите, и свештениците, и сите кои работат во Црквата, во нашите училишта за веронаука, во нашите проповеди и секаде, наместо моралистично да зборуваме за „стерилното“ подобрување на човекот, да ги насочиме нашите браќа кон обожението, согласно со автентичниот дух и искуството на Црквата. Најпосле, добродетелите, колку тие и да се возвишени, не се цел на нашиот христијански живот, туку само се средство и начин за поготовка за примањето на обожението, за примањето на благодатта на Светиот Дух, како што често отечки нѐ учи св. Серафим Саровски.

в) Човекоцентричниот хуманизам

Автономниот хуманизам како општествено-философско учење, одделено и независно (автономно) од Бога, нѐ води кон цивилизацијата втемелена врз себичноста и претставува голема опасност за современиот човек. Тој хуманизам има за цел да нѐ оттуѓи од нашата православна вера во име на таканаречената „човекова вредност“ и „човечка слобода“.

Но, зарем има поголема вредноста за човекот од обожението?

Старец Георгиј Капсанис