За христијанскиот живот
 
 
 
 
 

За христијанскиот живот (27.08.2012)

Кога го започнувавме својот христијански живот, бевме полни со воодушевувања. Тешко нам, ако ги немавме тие чувства, ќе бевме како стара машина, ненавиен часовник, и тоа немаше да нѐ одведе никаде. Значи, ни помагаше Божјата благодат, црквата, духовникот, православните книги, и така напредуваваме. Малку по малку, дојдоа и тешкотиите, промашувањата, попуштањата, гревовите, искушенијата, помислите да станеме и да се вратиме назад. Тогаш нашиот живот од песна, од смеа, стана крст. Кога, мил мој, твојот живот почнува да станува тежок и крстот да ти изгледа претежок за да го подигнеш, тогаш исправи се непоколебливо, стани маченик. Кажи си: „Да стоиме право!“ Стани непоколеблив. Кажи како и пророкот: „Погледни Господи, јас стојам овде за да ја извршам Твојата волја“. Или како Пресвета Богородица: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде според Твоите зборови!“ Ако издржиш, после невремето ќе дојде до разведрување, твојот живот повторно ќе стане празник. Тогаш и покрај сето тоа ќе имаш искуство во духовниот подвиг, ќе бидеш искусен. После тоа страдање, откако ќе го подигнеш својот крст, во тебе ќе се запали пламенот на Божјата љубов: ќе се здобиеш со најубавата, најсилната, најчистата, најевангелската љубов – Божјата.

                                         *   *   *

Колку многу искуства на радост и воскресниот живот има во Божествената Литургија! Знаете ли што примаме кога се причестуваме? Бесмртност. А кога велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“, се причестуваме со Светиот Дух. Да не ги заборавиме овие работи, бидејќи треба да бидеме со сите оние кои на небото се радосни. Светителите горе, на небото, не се намуртени. Тие Го слават Бога. Тие се засведочени во Бога, чудесни се, прават чуда. Христос не прави само чуда со нас, туку и ни помага со небесните сили, началствата, значи со ангелите и светителите, кои доаѓаат и посредуваат во нашиот живот, секогаш да бидеме успешни. Слегуваат од небото, слегува и Пресвета Троица, бидејќи слезе Господ. Кога учителот Христос се вознесе на небото, не нѐ остави сами. Ни отвори пат, и Тој слегува и ја обиколува целата вселена и секое срце, и кога ние тоа го бараме од Него, Тој со Својата љубов го чести целиот свет со радост. Тој ни вели: „Радувајте се и веселете се“.

Старец Емилијан