За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (21.08.2012)

Исусовата молитва ослободена од духовната прелест, предизвикува оган во нашето срце, придружена е од топлина, која ги гори страстите како трње и во душата доведува тишина и радост. Топлината не доаѓа ни од лево, ни од десно, ниту од горе, туку струи во срцето како воден извор од живототворниот Дух.

 

Кога во безмолвие очекуваш да бидеш со Бог, никогаш не примај ништо, било сетилно или духовно, коешто ти се претставува сликовито, ниту однадвор, ниту внатре во тебе, па дури и да е ликот на Христос или ангел, или облик на светител, ниту дури и светлина, којашто мечтателно се отпечатува во умот. Умот самиот по себе има природна способност да мечтае. Тој многу лесно предизвикува слика на она преку кое невнимателниот може да си наштети, ако го прифати... Секогаш стои настрана од мачтаењата и постојано чувај го умот од бои и форми.

 

Сеќавањето на Бога или умната молитва е највисоката од сите видови духовни активности. Таа, како и љубовта кон Бога е најголема од добродетелите.

 

Кога ќе ја наведнеш главата и кога ќе го собереш умот во срцето, се разбира, ако тоа е отворено, повикувај Го Господ Исус Христос напомош... Барај го Господ со ревност.

 

Ние можеме да Му се приближиме на Бога преку подвиг и труд, или со помош на изговарањето на Исусовото име. Преку подвигот и добродетелите бараме да го oчистиме срцето и да го вратиме умот во неговата првобитна состојба. Преку богомислието го издигнуваме умот кон Бога, Кој ја гори целата наша нечистотија и се вселува во чистото срце.

 

Преку сопствената деjствителна молитва и со Божја помош се победуваат страстите; преку самодејствувачката, благодатна молитва, се созерцува Бог, колку што е можно за човекот.

 

Само со силата на Светиот Дух може чисто и совршено да Му се молиме на Господ. Тогаш нема да ни бидат потребни никакви зборови, туку Самиот Дух ќе се моли во нас.

 

Свети Григориј Синаит