Христос е почетокот и крајот на секое добро
 
 
 
 
 

Христос е почетокот и крајот на секое добро (06.08.2012)

Чедо мое, многу ме израдува тоа што заради својата душевна полза бараш Божјо слово.

Тогаш, отвори ги ушите и јас ќе ги исполнам со нешто полезно.

Слушај, чедо мое:

Твоите усни непрестајно нека ја изговараат молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Твоето дишење нека се приврзе за името на нашиот Спасител.

Кога тоа ќе потрае доволно долго, умот ќе се привикне да ја изговара молитвата со внатрешно слово. А кога со молитвата ќе се исчисти умот, тој ќе слезе во срцето. Ќе дојде до соединување на умот, зборовите и срцето. Со други зборови, со постојано кажување, со помош на вдишувањето и издишувањето, молитвата го наоѓа патот до срцето. Тогаш умот, зборовите и срцето стануваат едно. А срцето кое постојано се чисти ја прима соодветната благодат.

Така, малку по малку, внатре во тебе ќе се отвори небо – рај, а ти нема ни да го приметиш тоа.

До тогаш ќе биде потребен труд (подвиг), а тоа што потоа следува се нарекува созерцание. Постигни го тоа, а за останатото ќе ти кажам кога ќе дојде времето.

Само знај дека сѐ – почетокот и крајот на секое добро е Христос. Ние самите не можеме ништо да направиме, ако не содејствува Христос со Својата Божествена благодат. Пред сѐ, Тој благоволи и после тоа ние Го спознавме. Најпрво Тој нас нѐ возљуби, затоа и ние Го љубиме Него. Ако Тој не дејствува, во нас нема да се придвижи добрината.

Стани дете и со детска простодушност падни пред нозете на нашата Пресвета Богородица, Која Го носела Големиот Бог како младенец. Плачи и повикувај со љубовта, која повторно Тој ќе ти ја подари...

 

Старец Јосиф Исихаст