Светиот Дух води кон единство
 
 
 
 
 

Светиот Дух води кон единство (18.05.2012)

Постои уште еден извор за новиот живот на човештвото, пред сѐ, црковниот живот – Светиот Дух. Самиот Христос кажал: „ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство“ (Јован 3, 5). Неопходно е да се биде роден од Духот. И кога св. апостол Павле зборува за соединувањето на луѓето во Црквата, тој секогаш зборува за Светиот Дух како извор на тоа единство.

За апостолот Црквата не е само „едно тело“, туку и „еден Дух“. И овде се подразбира не само едномислие, туку и еден Божји Дух, Кој проникнува низ целото тело, како што и сведочат светите Отци, учителите на Црквата. „Што е тоа единство на Духот?“ – прашува св. Јован Златоуст и одговара: „Како што во телото Духот сите ги опфаќа и соопштува некакво единство на разноликост, кое произлегува од разликите меѓу членовите на телото, така е и овде. Но Духот уште е даден и заради тоа, да ги обединува луѓето, кои не се еднакви помеѓу себе по создавање и по начинот на мислење“. „Со тие зборови ‘еден Дух‘, сакал да поттикне на взаемна согласност, како да вели: бидејќи сте се удостоиле со еден Дух и сте пиеле од еден извор, тогаш меѓу нас не смее да има поделби. 

Блажен Теодорит пишува: „Сите вие сте се удостоиле со една благодат; еден извор разлева различни потоци. Еден прифатен Дух, составува едно тело“. Блажен Јероним: „Едно тело во смисла на Христовото Тело, кое е Црква; и еден Свет Дух – навистина еден, Кој на сите им раздава и Кој сите ги осветува“. Блажен Теофилакт Охридски: „Како што во телото постои врска, која сите ги поврзува и обединува, иако се различни членови – така е и со оние кои веруваат во Светиот Дух, Кој сите ги обединува, иако се разликуваме едни од други според раѓањето, навиките и професиите.“

Според мислите од Апостолот, секој црковен живот е пројавување на љубовта, секоја добродетел е дејство на дарот од Светиот Дух. Сѐ прави еден и ист Дух. Луѓето, според зборовите на св. апостол Петар, се само „добри распоредници на разнообразната Божја благодат“ (1 Петар 4, 10). Светиот Дух, Кој го проникнува целото тело на Црквата, им дарува на сите членови на тоа тело различни духовни дарови и го прави можен новиот живот за новото човештво. Тој сѐ соединува во едно тело, со тоа што навистина влева љубов во срцето, која во природната состојба на човекот не може да биде основа на неговиот живот и неговите односи со другите луѓе.

Љубовта е од Бога, таа изрека на св. апостол Јован може да се посочи како заедничка тема на целата низа од апостолските расудувања. Љубовта се нарекува Божја: Христовата љубов ги опфаќа сите членови на Црквата (2 Кор. 5, 15); Господ ги насочува сите срца кон Божјата љубов (2 Сол. 3, 5); Божјата љубов излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни беше даден (Рим. 5, 5); Љубовта е плод на Духот (Гал. 5, 22); Бог нѐ спаси преку обновата од Светиот Дух, Кој изобилно Го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител (Тит. 3, 5-6); Христијаните ги води Светиот Дух (Рим. 8, 14).

На тој начин, Светиот Дух, Кој живее во Црквата, на секој член му дава сила да биде нова твар и во својот живот да се раководи според љубовта. Учењето на апостолот Павле за Црквата нераскинливо е поврзано со неговото учење за љубовта, како основа на христијанскиот живот. Таа врска сосем малку им привлече внимание на современите научници – толкувачи, но на неа укажуваат светите Отци на Црквата. Така блажен Теодорит за апостолската споредба на  Црквата со телото, кажува: „Таа употреба е слична на учењето за љубовта“. И св. Јован Златоуст, толкувајќи ги зборовите „едно тело“, вели: „Павле бара од нас таква љубов, која ќе нѐ поврзе помеѓу себе, која ќе нѐ прави неразделни едни од други, и преку таквото совршено единство, ние да сме членови на едно исто тело, зашто таквата љубов создава големо добро“. Читајќи ги посланијата на св. апостол Павле, може да се примети, дека за Црквата и љубовта тој обично зборува споредувајќи ги, затоа што според учењето на апостолот, Црквата и љубовта се поврзани меѓу себе. Секоја христијанска добродетел кај апостолот се гради врз вистината за Црквата. Така во последните глави од Посланието до Римјаните, апостолот подетално кажува за христијанскиот морал. Апостолот, на кратко го изложи учењето за Црквата, искажано во 12 глави, а потоа непосредно следи „новозаветната химна за љубовта“. Нешто слично може да се забележи и во Посланијата до Ефесјаните и Колосјаните.

Свештеномаченик Иларион Троицки