За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (10.05.2012)

Молитвата е патот кон Господ. Го изговараме Божјото име и се спасуваме! Ако Божјото име ни е на усните, се спасуваме.

Преку молитвата, повеќе од сѐ, се здобиваме со благодатта на Светиот Дух, затоа што секогаш ни е при рака, како оружје за нејзино стекнување. Дверите на молитвата се отворени за сите – богатите и сиромашните, угледните и неугледните, силните и немоќните, здравите и болните, праведните и грешните.

Оној кој вистински решил да Му служи на Господ Бог, треба да се вежба во сеќавањето на Бога и непрестајната Исусова молитва, говорејќи со умот: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!“ Во попладневните часови, оваа молитва може да се изговара вака: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, по молитвите на Богородица, помилуј ме грешниот!“ Или, може да се прибегнува само кон Пресвета Богородица, со молитвата: „Пресвета Богородица, спаси нѐ!“ Или изговарајќи го ангелскиот поздрав: „Богородице Дево...“ Човекот кој се вежба во тоа и ја отстранува расеаноста и го чува мирот на совеста, може да Му се приближи на Бога и да се соедини со Него. Бидејќи, според зборовите на св. Исак Сирин (Слово 69), ние не можеме да Му се приближиме на Бога, освен со помош на непрестајната молитва.

Значи можеш, при работата, сосем добро да се молиш, во движење исто така, па дури и во постела. Битно е во срцето непрестајно да Му се обраќаш на својот Господ и да не забораваш дека се поклонуваш, до земја, пред Него и Неговата Пресвета Мајка.

Со изговарањето на Божјото име ќе најдеш мир, ќе ја достигнеш духовната и телесната чистота, во тебе ќе се всели Светиот Дух, Источникот на сите добра, и Тој ќе те раководи во светињата, во благочестието и чистотата.

Видовите на молитва многу добро ги разграничи св. Симеон Нов Богослов (Добротољубие I – Слово за трите начини на молитва). Нејзиното достоинство, пак, многу добро го изобрази св. Јован Златоуст. Големо оружје е молитвата, вели тој, вечно богатство, никогаш неисцрпно, безбедно пристаниште; молитвата е причина за тишината, корен, извор и мајка на небројни добра.

За да го добиеш дарот на молитвата, потребно е многу трпение. Кој одбива да биде трпелив, залудно станал монах. Како што војникот не оди во војна без оружје, така ни монахот не може да го започне својот манстирски живот ако не се наоружа со трпение... Без молитвата монахот умира како риба без вода. Од монахот кој не знае да ја извршува Исусовата молитва – ништо. Бог го слуша нашиот ум, па оттаму, тие кои нема да ја направат надворешната молитва  внатрешна, не се монаси, туку – неупотребливи факли.

Ако за време на молитвата се случи да се занесеме со умот и лукавиот да ни ги украде мислите, треба да се смириме пред Господ Бог и да молиме за прошка: „Господи, со збориви, на дело, во мислите и со сите мои чувства Ти згрешив...“

Во црква стои на молитва со затворени очи и со внатрешно внимание, а очите отворај ги само ако те фати униние, или ако те притисне сон и те наведе на дремка – тогаш очите треба да ги насочиш кон иконата и кандилото кое свети пред неа.

Гледајќи, пак, во свеќата која гори, особено кога стоиме во Божјиот храм, се потсетуваме на почетокот, текот и крајот на својот живот, бидејќи како што се топи свеќата, така секој миг се скратува и нашиот живот, приближувајќи се кон крајот. Таа мисла ќе ни помогне помалку да ни лута вниманието во храмот и да се молиме пососредоточено и да се трудиме нашиот живот пред Бога да личи на свеќа од чист восок, која нема нечисти примеси...

Треба постојано да се трудиме мислено да не се расејуваме, зашто преку расејувањето на мислите, под дејство на лукавиот, душата се оддалечува од сеќавањето на Бога и Неговата љубов. Како што вели св. Макариј: „целата грижа на нашиот противник е нашата мисла да ја одврати од сеќавањето на Бога, стравот од Бога и Неговата љубов“ (Слово 2, гл. 15).

Кога умот и срцето ќе бидат соединети во молитвата и кога мислите на душата веќе нема да се расејуваат, срцето ќе се загрее со духовна топлина, во која ќе засветли Христовата Светлина, исполнивајќи го внатрешниот човек со мир и радост.

За сѐ треба да Му благодариме на Бога и да Му се предадеме на Неговата волја. Исто така, на Бога треба да Му ги принесуваме сите свои мисли, зборови и дела, и да се трудиме сето тоа да биде богоугодно.

 

Преподобен Серафим Саровски