Поуки
 
 
 
 
 

Поуки (19.02.2010)

Оној, што говори многу со устата во својата молитва, тешко бидува свесен за сѐ што изговара; но оној што се моли немногусловно може да е свесен што говори во молитвата. На оние што не осознаваат добро сѐ што говорат им се наложува многу да говорат, оние пак кои се научиле да осознаваат што говорат во молитвата, не можат да говорат многу, за да не се расејуваат со умот. Нема потреба да Му се говори многу на Бога, туку малку, со разумно сознание за тоа, т.е. да биде разбирливо. Сепак, молтвата со разумно сознание никако не е возможна ако претходно не се стане причесник на Светиот Дух. Ако некој не се соедини со Бога преку Господ Исус Христос во Светиот Дух, неговата душа не може да се моли со разумно сознание, како што кажал еден од великите отци: она, со чија сила ние се молиме, како што треба, е Светиот Дух.

 

 

Виденијата на сон (тие не треба да се нарекуваат сонови, ами виденија) може да бидат вистинити само кај оние, чиј ум со благодатта на Светиот Дух станал едноставен и слободен од секој притисок од страна на страстите и од робувањето на нив – кај кои сите грижи се однесуваат само на божественото и сите мисли на идните награди и дарувања – кои живеат живот над животот, безгрижен, тивок, чист, исполнет со милост, мудрост, со знаење за небесното и други добри плодови, кои во нив се дарувани од Светиот Дух; а кај оние, пак, кои не се такви, соновите се лажни и хаотични, и сѐ во нив е чиста измама и прелест.

 

Нешто се внесува (во спасителниот живот) од нас самите, нешто ни се дава од Бога. Колку повеќе се очистуваме со посредство на нашите сопствени трудови и пот, толку повеќе светиме со божествената светлина, и толку повеќе се очистуваме со нашите сопствени солзи, принесувајќи од себе солзи и наместо нив од Бога ја добиваме светлината на скрушеноста.

 

Каде има длабоко смирение, таму има и солзи обилни; а каде е ова, таму е и присуството на Светиот Дух; кога ќе дојде благодатта на Духот Кому се поклонуваме, тогаш во оној кој започнува да биде под Неговото дејство, се јавува секоја чистота и светост – тогаш тој Го гледа Бога, и Бог погледнува на него. Зашто Господ вели: еве на кого ќе погледнам, на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово (Ис. 66, 2).

 

Свети Симеон Нов Богослов