Старец Софрониј Сахаров: Молитвата е непрестано творење
 
 
 
 
 

Старец Софрониј Сахаров: Молитвата е непрестано творење (16.12.2009)

Молитвата е бесконечно творење, повозвишено од секоја друга уметност или наука. Преку молитвата ние влегуваме во општење со Беспочетното Битие. Или поинаку кажано: животот на Самопостоечкиот Бог влегува во нас по тој канал. Молитвата е акт на најголема мудрост, на сенадминлива убавина и достоинство. Молитвата е свет занес на нашиот дух. Но патиштата на ова творење се сложени. Илјадници пати може да доживееме и огнено стремење кон Бога, и повторено отпаѓање од Неговата Светлина. Често и на повеќе начини ја чувствуваме неспособноста на нашиот ум да се вознесе кон Него; понекогаш ќе стоиме како на границата на некое безумие и со болка во срцето ќе Му ја исповедаме Нему нашата бедна состојба: “Ти си ми ја дал Твојата заповед – да љубам, и јас ја примам со сето мое битие; но ете, во самиот себе не наоѓам сила за таа љубов… Ти си Љубов; дојди Самиот Ти и всели се во мене, и изврши го во мене сето тоа што си ни го заповедал нам, бидејќи Твојата заповед неизмерно ги надминува моите сили… Мојот ум се измори во напорот да Те постигне. Мојот дух не може да проникне во тајната на Твојот живот… сакам во сè да ја творам волјата Твоја, но моите денови истекуваат во безизлезни противречности… Стравувам да не Те изгубам заради злите мисли кои се во моето срце; и тој страв ме раскинува… Дојди и спаси ме мене кој потонувам, како што си го спасил Петар, кога се осмели да Ти појде во пресрет по морските води” ( Матеј 14, 28 -31).

Понекогаш ни изгледа дека молитвата дејствува премногу споро: несразмерно со краткоста на нашето постоење; и крик извира од градите: “Побрзај!” Не секогаш се случува Тој веднаш да одговори на нашиот повик. Како некој плод на дрво, Тој ја остава нашата душа да биде печена од сонцето, да поднесува удари од ладни и врели ветрови, да се мачи од жед или да поднесува поројни дождови. Но ако не ги испуштиме од нашите раце краевите на ризата Негова, ќе дочекаме добри резултати.                                                                                             

Неопходно е да пребиваме во молитва што е можно подолго време, за Неговата непобедлива сила да проникне во нас и да нè направи способни да се спротивставиме на сите разрушителни влијанија. И кога ќе нарасте во нас оваа сила, тогаш радоста на надежта за конечната победа засветлува во нас.

Молитвата неизоставно го востановува во нас тоа Божествено дишење кое “Бог го дувна во лицето на Адам” и со чија сила “Адам стана жива душа” (Битие 2,7). Преку молитвата нашиот прероден дух почнува да се восхитува на големата тајна на Битието. И силен наплив на восхит го заплискува нашиот ум: “Битие! Каква чудесна тајна… Како е тоа возможно?.. Прекрасен е Бог, и творението Негово е прекрасно”. Ние ја доживуваме смислата на Христовите зборови: “Јас дојдов за тоа, живот да имаат (луѓето) и да имаат изобилие” (Јован 10, 10). Изобилие! И навистина е така.                                                                                          

Но секогаш одново и одново: овој живот е парадоксален, како што е парадоксално и целото учење на Господ: “Јас дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал да се беше веќе разгорел” (Лука 12, 49). Сите ние, синови Адамови, неопходно е да поминеме низ овој небесен пламен, кој ги изгорува корените на смртоносните страсти. Поинаку не може да го видиме овој Оган претворен во Светлината на новиот живот, бидејќи заради нашиот пад горењето му претходи на просветлувањето, а не обратно. Значи, да Го благословиме Господ и за огногоречкото дејство на Неговата љубов.

Ние уште многу не знаеме, но сепак, иако само делумно (1 Кор. 13, 9),  нам и сега ни е откриено дека за нас нема друг пат освен тој: да станеме “синови на воскресението” (Лука 20, 36), синови Божји, за да царуваме заедно со Единородниот. Колку и да е болен процесот на нашето пресоздавање, низ какви и да било маки, па дури и агонии да нè проведува Бог – на крај сè ќе се покаже за благословено. Ако за стекнување научна ерудиција е потребен долгогодишен, напрегнат труд, за стекнување на молитвата потребно е уште и неспоредливо повеќе.  

 

Старец Софрониј Сахаров