Старец Паисиј Светогорец: Исчезна духот на жртва
 
 
 
 
 

Старец Паисиј Светогорец: Исчезна духот на жртва (15.12.2009)

Многу луѓе денес не ја осетиле радоста од жртвата и не го сакаат трудот. Навлегоа мрзливоста и негрижата, донесувајќи многу расипаност. Исчезна трудољубивоста и жртвата. За успех се смета кога нешто ќе се постиге без труд. Се радуваат ако нешто е постигнато без самопрегор. Од друга страна, ако работите ги согледаме духовно, би требало да се радуваат тогаш кога мораат да се трудат, бидејќи тоа им дава прилика да се борат.

Сега сите, и малите и големите, гледаат како нешто да постигнат со леснотија. Духовните луѓе гледаат што помалку да се трудат. Световните, пак, како да соберат што повеќе пари, а да не работат. Младите, како да поминат испит, без учење, како да добијат диплома, а да не излегуваат од кафеана. И ако е можно, да телефонираат од кафеана и да им се даде диплома! Да, тоа го бараат! Многумина млади ми доаѓаат и велат: „Помоли се да го поминам испитот.“ Не учат, а велат: „Бог може да ми помогне.“ „Учи“, му кажувам, „и помоли се“. „Зошто“, вели, „Бог не може да ми помогне?“ Зар Бог да ја благослови неговата мрзливост?! Тоа не оди никако! Ако учи, и ако не му оди, тогаш Бог ќе му помогне. Има млади кои имаат потешкотии со памтењето или со разбирањето, но кои пробуваат да го совладаат тоа. На овие Бог ќе им помогне да станат мудри.

На многумина млади влијае духот на овој свет така што заради тоа трпат голема штета. Се научија да се занимаваат само со себе самите, и воопшто не мислат на своите блиски туку само на себеси. И што повеќе им помагаш, сѐ повеќе бељи прават.

Младите денес наликуваат на нови машини кога ќе им замрзне маслото. Треба да го сменат маслото, за да им тргне машината, поинаку не може.

Еднаш на едно момче му реков: „Сакам две кутии кибрит од Кареа“ – иако имав четири запалки, но тоа го направив за да го израдувам. Тој потрча радосен, се испоти за да ги донесе, но тој замор го одмори, бидејќи ја почувствува радоста на жртвувањето. А другиот седеше и од седење се замори. Тие бараат да почувствуваат радост, но човекот треба да се жртвува за да дојде радоста. Радоста настанува од жртвата. Навистина, радоста доаѓа од истрајноста. Така, оној што држи до ревноста, му следува успех! Маката на човекот е неговиот егоизам, себељубие.

 

Старец Паисиј Светогорец