Свети Силуан Атонски: Тага по Бога
 
 
 
 
 

Свети Силуан Атонски: Тага по Бога (14.12.2009)

Разберете вие, сите народи на земјата, многу ве љуби Господ и милостивно ве повикува кон Себе:

“Дојдете при Мене и Јас ќе ве успокојам”.

“Ќе ве успокојам на земјата и на небото и ќе ја гледате славата Моја”.

“Сега не можете да го раберете ова, но Духот Свет ќе ви даде да ја разберете Мојата љубов спрема вас”.

“Не се забавајте, доаѓајте кај Мене, Јас желно ве чекам како мили деца, и ќе ви го дадам Мојот мир, и вие ќе бидете во радост и радоста ваша ќе биде вечна”.

Мили мои браќа, со солзи ги пишувам овие редови,

Кога душата Го познава Господа преку Светиот Дух, тогаш секој миг непрестано се восхитува на милосрдието Божјо, и на Неговата големина и сила. Самиот Господ со Својата благодат, милостиво, како мајка љубеното дете, ја учи душата на смирени, благи помисли, и ѝ дава да ја чувствува Неговата присутност и близина. И душата во смирение Го созерцува Господа без никакви помисли.

 

Господ го љуби човекот и Неговата благодат ќе биде во Црквата до времето на Страшниот Суд, онака како што била во поранешните времиња.

Господ го љуби човекот, и иако го создаде од прав, го украси со Светиот Дух.

Преку Светиот Дух се познава Господ. Преку Светиот Дух се љуби Господ, а без Светиот Дух човекот е грешна земја.

Господ ги воспитува Своите деца со Светиот Дух и со Својата Пречиста Крв и Тело и сите што Му припаѓаат на Господа, слични Му се Нему, својот Отец.

Светиот Дух нè сроди со Господ, и знај дека ако во себеси чувствуваш мир Божји и љубов спрема сите, тогаш твојата душа му е подобна на Господа.

Благодатта Божја нè научи на тоа, и душата знае кога е збогатена со благодатта. Исто така душата чувствува кога ја губи благодатта, го чувствува и доаѓањето на непријателот.

Порано јас не го знаев тоа. Но кога ја загубив благодатта, тогаш, од опит тоа ми стана јасно.

Заради тоа, браќа, со сите сили чувајте го мирот Божји којшто ни е даден на дар. И кога некој ни здодева, макар и да се принудуваме, ќе го љубиме, и Господ, гледајќи го нашиот труд, ќе ни помогне со Својата благодат.

Така велат Светите Отци, и многугодишниот опит покажува дека трудот е неопходен.

Благодатта на Светиот Дух секој човек го прави подобен на Господ Исус Христос, уште на земјата.

Кој е во Светиот Дух, тој Му е подобен на Господа уште овде на земјата, но кој не се кае и не верува, тој е подобен на ѓаволот.

Господ нè удостои да бидеме подобни на Него, а Господ е толку кроток и смирен. И да Го видеше Него, тогаш од многу радост ќе сакаше да кажеш: “Господи, јас се топам од Твојата благодат”, но сега ти не можеш да кажеш ниту еден збор за Бога, оти твојата душа се измени од изобилието на Светиот Дух. Така преподобниот Серафим Саровски, кога Го виде Господа, не можел да зборува.