За решителноста
 
 
 
 
 

За решителноста (23.05.2009)

Прекрасна е состојбата на душата која блеска кога ја прозема благодатта Божја како што огнот го прозема железото. Слушајќи за таа состојба, секој посакува да ја достигне. Претпоставувам дека и вие ја имате таа желба. Иако таа желба покажува дека душата знае да избере она што е добро, сепак, таа не искажува сѐ што во тој случај го бара. Можно е човек наеднаш да тргне и да застане и од желбата да не биде ништо. Не, овде не е потребна само желбата, туку здрав поглед на работите и решителност - тврда и непоколеблива, и свест за тоа колку труд е потребно, какви сѐ препреки и непријатности претстојат, и јуначка ревност за да им се спротивставиме.

Да бараме благодатта Божја да го проземе сиот наш живот е исто што и да го бараме Царството Божјо, или да ревнуваме за спасението на душата, или да го сакаме и да го избереме она што е единствено потребно. Различни се називите, но делото е едно... Човекот сака во рајот, но нема секогаш доволно цврста волја да се потруди околу тоа. Сакам да кажам дека не треба само да се посака, туку треба да се донесе и цврста одлука посакуваното да премине во дело. За да ви појаснам, ќе раскажам како обично желбите доведуваат до решителност.

Има многу нешта за кои размислуваме и што ги планираме. Кога мислиме, мислиме и - забораваме. Тоа значи дека душата не се врзала за нив, затоа тие и паднаа во заборав. Се памети она за што душата ќе се приврзе. Штом душата се врзува, значи дека предметот ѝ се допаѓа. Значи, предметот ни се допадна, пријатно ни е да размислуваме за него... Но, можно е тоа да не ја поттикне желбата намерата да премине во дело... За желбата да биде исполнета, потребно е да се претвори во непоколеблива намера или решителност, потребно е душата вака да каже во себеси: ќе го направам тоа дело по секоја цена. Штом овие зборови ќе бидат изговорени во душата, веднаш почнува и размислување за тоа како одлуката да се спроведе во дело: се смислуваат начините, се бараат погодните околности на времето и местото, се предвидуваат можните препреки, и се преземаат мерките за нивното отстранување. Откако сето тоа ќе се случи во душата, таа е сосема спремна за дело. Останува уште да се почне со делото. Ќе помислите: па што е тука тешко кога е веќе сѐ подготвено? Меѓутоа, тоа е најтешкиот чекор. До моментот на донесувањето на одлуката сѐ се одвиваше во нас, а сега нашето внатрешно, умно дејствување треба да влезе во текот на случувањата и да се одвива напоредно со другите дела. Направи само прв чекор, а тогаш веќе самите околности во коишто е започнато делото ќе се одвиваат во духот во којшто тоа е започнато.

 

Свети Теофан Затворник