Покај се кога ќе згрешиш и не губи време
 
 
 
 
 

Покај се кога ќе згрешиш и не губи време (21.05.2009)

Чедо мое, го добив твоето писмо и во него го видов твоето неспокојство. Но, не тагувај, чедо мое. Не биди толку неспокоен. Ако повторно падна - повторно и стани. Ти си повикан на патот небесен. Не е ништо чудно оној кој трча понекогаш и да се сопне. Само во секој момент треба да има трпение и покајание.

Заради тоа покај се секогаш кога ќе згрешиш и не губи време. Колку се двоумиш да побараш прошка, толку му допушташ на лукавиот да пушти корени во тебе. Не му допуштај да те изнервира на твоја штета.

Значи, не очајувај кога ќе паднеш, туку со усрдност стани и покај се велејќи: „Прости ми, Христе мој, човек сум и слаб сум“.  

Бог не те напушти, како што велиш, но бидејќи во тебе има уште многу световна гордост и многу суета, нашиот Христос допушта да грешиш и да паѓаш, за секојдневно да бидеш свесен за својата немоќ, да ги трпиш оние што грешат, да не ги осудуваш своите браќа и да зајакнеш.

Значи, колку пати и да паднеш, повторно стани и веднаш побарај прошка.

Не го сокривај неспокојството во твоето срце. Бидејќи неспокојството и унинието се радост за лукавиот од што се раѓа многу друго и душата се исполнува со горчина, додека духовното расположение на оној што се кае говори: „Згрешив, и прости ми, Отец“, и на тој начин го изгонува неспокојството. Кажувај: „Зарем јас не сум човек и зарем не сум слаб? Што воопшто јас можам да направам?“

Навистина, чедо мое, така е тоа. Биди мажествен.

Човекот стои на своите нозе само тогаш кога ќе дојде благодатта Божја. Ако ја нема благодатта, непрестајно се тетерави и непрестајно паѓа. И затоа биди мажествен и не плаши се.

Гледаш ли како братот, за којшто пишуваш, го помина искушението? И ти прави така. Устрој во себеси мажествен начин на размислување пред искушенијата што доаѓаат. Тие секако ќе дојдат, бидејќи се неопходни за тебе. Поинаку нема да се очистиш. Остави го тоа што ти говорат небрежноста и унинието. Не им се плаши. Како што, по благодатта Божја, поминаа претходните, така ќе помине и ова, штом ќе ја заврши својата работа.

Искушенијата се лекови и исцелителни треви кои ги лечат видливите страсти и нашите невидливи рани.

Ти, значи, имај трпение, за секојдневно да имаш добивка, да собираш награда, покој и радост во Царството Небесно. Ќе дојде ноќ на смртта кога веќе никој нема да може да работи, затоа побрзај, бидејќи времето е кратко.

И ова нека ти биде познато: подобар е еден ден на победнички живот со награди и венци, отколку многу години поминати во небрежност. Бидејќи еден ден подвиг во познание и душевното чувство вреди колку и педесет години на оној кој се бори небрежно и без познание.

Без борба и пролевање крв не очекувај ослободување од страстите. После престапот, на нашата земја растат трње и боцки. Нам ни е заповедано да ги искорнеме, но тие се искоренуваат само со голема болка, раскрвавени раце и многу воздишки. Затоа, плачи, пролевај потоци солзи и ќе омекне земјата на твоето срце. А кога е земјата натопена лесно ќе го искорениш трњето.

 

Старец Јосиф Спилеот