Молитва и помени за умрените
 
 
 
 
 

Молитва и помени за умрените (21.02.2009)

Можат ли, старче, да се молат упокоените?

 

Тие се освестуваат и бараат помош, но сами на себеси не можат да си помогнат. Сите оние кои се наоѓаат во адот само заради еден престап, би сакале Христос да им подари барем пет минути за покајание. Ние кои сме живи, имаме уште време за да се покаеме, но тие, сиротите починати, не можат сами на себе да си ја поправат положбата, туку очекуваат помош од нас. Затоа наша обврска е да им помагаме со нашата молитва.

Оние кои за време на животот не се покајале и кои имаат барем малку усрдност, свесни се за својата вина, се каат и трпат заради своите гревови. Бараат да им се помогне и молитвите на верните им помагаат. Бог, значи им пружа прилика, дури и сега, кога се пред Него виновни, да им се помогне сѐ додека не се случи Второто доаѓање. И како што во овој живот, ако некој му е пријател на царот, може да посредува царот да му помогне на некој виновник, исто така ако некој е „пријател” со Бог може со молитвата да се застапува за умрените пред Бог и да ги префрли „обвинетите” од еден „затвор” во друг, подобар; од еден „притвор”, во друг, подобар. Може дури и да ги префрли во „соба”, или во „стан”.

Како што го ублажуваме страдањето на затворениците со освежувачки напитоци и други работи, кои им ги носиме, исто така и на мртвите им го ублажуваме страдањето со молитвите и со правењето милостиња за нивната душа. Молитвите на живите за оние што се упокоиле и помените се последна прилика која Бог им ја пружа за да добијат помош, додека не се случи последниот Суд. После Судот повеќе нема да има можност да им се помогне.

 

А дали, страче, оние што неодамна починале имаат поголема потреба за молитва?

 

Кога некој ќе го осудат на затвор, нели му е многу потешко во почетокот? Треба да се молиме за оние упокоени кои не Му угодиле на Бог, за Бог нешто да направи за нив. Особено кога знаеме дека некој бил тврдокорен човек и дека водел грешен живот, тогаш треба многу да се молиме, за него да се служат Божествени Литургии, четириесет последователни Литургии за неговата душа, да се дава милостиња на сиромашните за спасение на неговата душа, за Бог да го помилува. Така, сето она што тој не го направил, го правиме ние за него. А на човекот кој поседувал добрина, дури и ако животот не му бил добар, бидејќи имал добра волја, со малку молитва може многу да му се помогне.

 

Кога некој ќе умре и побараат од нас да се помолиме за него, дали е добро, старче, секој ден, сѐ до четириесетиот ден, да измолиме цела бројаница за него?

 

Ако измолиш цела бројаница за него, моли се воедно и за сите упокоени. Зошто цела возна композиција да оди на своето одредиште со еден патник, кога може да собере и многу други? На толкуте упокоени, сироти, тоа им е неопходно и бараат помош, но немаат никој да се моли за нив! Некои луѓе често прават помени само за некој свој. А на тој начин не му помагаат ни на својот упокоен, бидејќи нивната молитва не Му е толку угодна на Бог. Бидејќи направиле толку помени за него, нека направат истовремено помен и за непознати упокоени.

 

Најделотворен помен

 

Најдобар од сите помени за упокоени е нашиот правилен живот, нашето подвизување со кое ќе ги искорениме своите мани и ќе ја очистиме својата душа. Бидејќи нашето ослободување од материјалните добра и душевните страсти како резултат има не само олеснување на нашата душа, туку и на прадедовците од целата наша фамилија. Упокоените чувствуваат радост кога некој нивен потомок Му е близок на Бог. Ако ние не сме во добра духовна состојба тогаш страдаат нашите упокоени родители, нашиот дедо, нашиот прадедо, сите генерации. Но, ако сме во добра духовна состојба, се веселат, бидејќи и тие учествувале во тоа да се родиме и ние и Бог на некој начин е обврзан да им помогне. Она што ќе им пружи радост на умрените е нашиот напор да се бориме да Му угодиме на Бог со својот живот, за да се сретнеме со нив во рајот и за да живееме сите заедно во вечниот живот. Затоа, вреди трудот да удриме на стариот човек, за да настане нов човек и повеќе да не си нанесуваме штета на самите себе, ни на другите луѓе, туку да си помагаме и на себеси и на другите, било на живите или умрените.