За празникот Богојавление
 
 
 
 
 

За празникот Богојавление (24.01.2009)

Богојавление се празнува во спомен на Божественото Крштевање на Јордан од Јован на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос. Светиот пророк Јован е роден шест месеци пред по тело да се роди Исус Христос. На неговите родители, благочестивите Захариј и Елисавета, архангелот Гаврил им возвестил дека од нив ќе се роди пророкот Божји, кој ќе ги подготви луѓето да Го примат Спасителот, заради што е наречен Предвесник Господов. Кога тој наполнил триесет години, почнал да проповеда покрај реката Јордан за скорото доаѓање на Христос. Народот од секаде приоѓал да ги слуша неговите проповеди за покајание и многумина се крштевале. Еднаш, заедно со останатите, на Јордан дошол и Исус за да биде крстен од него. А, Јован Го одвраќаше: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ Но, Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш Јован Го остави. Според Преданието на Црквата, Јован потопувал во вода до вратот секого кој доаѓал да се крштева и го држел така додека тој не ги исповедал сите свои гревови. Христос, бидејќи без грев, излегол од водата веднаш, како што е кажано во Евангелието. И кога излегувал од водата, Јован видел како се отвораат небесата и Светиот Дух во вид на гулаб како слегува врз Него. И се слушна гласот од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“ И Јован посведочи дека Он е Син Божји. Во тој ден се објави Светата Троица: Бог Син Кој се крштеваше во водите Јордански, Бог Дух Свети Кој слегуваше врз Него во вид на гулаб, Бог Отец Кој посведочи велејќи: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“. Затоа, празникот на Крштението Христово се нарекува и Богојавление. Со Своето Крштевање во Јордан Господ ја освети природата на водата, и ја востанови Тајната на Светото Крштение – прва од Светите Тајни во којашто учествува човекот кој влегува во Црква.