Патријаршиско послание за Света Пасха 2025 (20.04.2025 12:06)
† Β Α Ρ Т Ο Λ Ο Μ Е Ј
ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП
НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА, БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ
ОТКАЈ СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ ХРИСТОС
* * *
Најчесни браќа архиереи и благословени чеда во Господа,
По милоста и силата Божја, препловувајќи го во молитва и пост морето на Светата и Велика Четириесетница, и пристигнувајќи до сесветлата Пасха, Го воспеваме Оној Кој слезе дури до најдлабоките одаи на Адот и „им го дарува на сите повторното влегување во Рајот“, преку Своето Востание од мртвите – Господ на славата.
Воскресението не е спомен на еден настан од минатото, туку е „добра промена“ на нашето суштествување, „друго раѓање, втор живот, друг вид на живеење, преобразба на самата наша природа“[1]. Во Воскреснатиот Христос се обновува, заедно со човекот, и целокупната твар. Кога ја пееме третата песна од Пасхалниот канон: „Сега сè е исполнето со светлина: и небото и земјата и подземјето; нека го празнува, затоа, целата твар, Воскресението на Христа, во кое се утврди!“ – тогаш се возвестува дека целата вселена е утврдена и исполнета со невечерната светлина. Ова важи не само за историјата на човечкиот род, туку и за целото создание: постои јасна граница „пред Христа“ и „по Христа“.
Востанието на Господ од мртвите претставува јадро на Евангелието, темелна точка на која се повикуваат сите текстови од Новиот Завет, но и целиот литургиски живот и побожност на Православните. Навистина, во возгласот „Христос воскресе“ се содржи целокупната теологија на Црквата. Доживувањето на укинувањето на државата на смртта е извор на неизречива радост, „ослободена од оковите на овој свет“. „Сè е исполнето со радост, бидејќи ја вкуси силата на Воскресението“. Како изблик на „голема радост“, Воскресението го напојува севкупниот црковен живот, етос и пастирско дејствување, како предвкус на полнотата на животот, знаењето и радоста на вечното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух. Православната вера и песимизмот се неспоиви величини.
Пасхата е за човекот празник на слободата и победа над силите што го отуѓуваат, воцрковување на нашето суштествување и повик на соработка за преобразување на светот. Историјата на Црквата станува една „голема Пасха“, како пат кон „славната слобода на чедата Божји“[2]. Доживувањето на Воскресението го открива централниот и есхатолошкиот аспект на слободата во Христа. Библиските сведоштва за Воскресението на Спасителот ја истакнуваат силата на слободата на верните, во која единствено се јавува „големото чудо“, што останува недостапно за секое принуждение. „Зашто тајната на спасението е за оние што доброволно сакаат, а не за оние што се принудени“[3]. Прифаќањето на божествениот дар како „преод“ на верниот кон Христа, е слободен егзистенцијален одговор на љубовниот и спасителен „премин“ на Воскреснатиот кон човекот. „Без Мене не можете да направите ништо“[4].
Тајната на Воскресението на Господа и денес продолжува да ги потресува позитивистичките „сигурности“ на оние што Го отфрлаат Бога – како облик на „негација на човечката слобода“, на приврзаниците на „измамата на самоостварувањето без Бог“ и на обожувачите на современиот „човекобог“. Иднината не ѝ припаѓа на затвореноста во самодоволната, стеснета и затворена овдешност. Нема вистинска слобода без Воскресение, без перспектива на вечноста.
Извор на воскресенска радост за Светата Велика Христова Црква оваа година претставува и заедничкото празнување на Пасхата од целиот христијански свет, заедно со 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја, кој ја осуди заблудата на Ариј – кој „го намали Единиот од Троица, Синот и Словото Божјо“ – и го утврди начинот на пресметување на датумот за празнувањето на Воскресението на Спасителот.
Соборот во Никеја означува почеток на еден нов период во соборната историја на Црквата – преминот од локално на вселенско соборно ниво. Како што е познато, Првиот Вселенски Собор го воведе „ненапишаниот“ термин „едносуштен“ (ὁμοούσιος) во Символот на верата, со јасна сотириолошка насоченост, којашто останува суштинска одлика на догматите на Црквата. Во таа смисла, празнувањата по повод големата годишнина не претставуваат свртување кон минатото, бидејќи „духот на Никеја“ непрекинато живее во животот на Црквата, чиешто единство се темели врз правилното разбирање и развивање на нејзиниот соборен идентитет. Говорот за Првиот Вселенски Собор во Никеја нè потсетува на заедничките христијански архетипови и на значењето на борбата против изопачувањата на нашата непорочна вера, и нè повикува да се вратиме кон длабочината и суштината на Преданието на Црквата. А пак, овогодинешното заедничко празнување на „сесветиот ден на Пасхата“ ја нагласува актуелноста на оваа тема, чијашто разрешница не само што ја изразува почитта на Христијанството кон одлуките на Соборот во Никеја, туку и свеста дека: „во оваа светост не треба да постои никаква разлика“.
Со вакви чувства, исполнети со светлината и радоста на Воскресението, и возгласувајќи го радосниот за целиот свет поздрав: „Христос воскресе!“, да го чествуваме избраниот и свет ден на Пасхата преку искрено исповедание на нашата вера во Искупителот, во Оној Кој со смрт смртта ја порази, и на сите луѓе и на сето создание им дарува живот – преку нашата верност кон чесните преданија на Великата Црква и преку несебичната љубов кон ближниот, та преку сите нас да се прославува преславното, наднебесно име на Господа.
Фанар, Света Пасха 2025
♱ Константинополскиот
огнен молитвеник кон Христа
Воскреснатиот за сите вас
[1] Григориј Ниски, Περί τῆς τριημέρου προθεσμίας τῆς Ἀναστάσεως τοῦ Κυρίου ἡμῶν Ἰησοῦ Χριστοῦ, PG 46, 604.
[2] Рим. 8, 21.
[3] Максим Исповедник, Εἰς τήν προσευχήν τοῦ Πάτερ ἡμῶν, πρός ἕνα φιλόχριστον, PG 90, 880.
[4] Јован 15, 5.