Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј
 
 
 
 
 

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020 17:24)

Денес, 30 октомври 2020 година, во 8:20 часот, воочи празникот на свети Петар Цетињски, во Клиничко-болничкиот центар на Црна Гора, по примањето на Светата Тајна Причест, се упокои во Господ Високопреосветениот Архиепископ Цетињски, Митрополит Црногорско-приморски и Егзарх на светиот пеќски трон, г. Амфилохиј.

Блаженоупокоениот Митрополит денес ќе биде пренесен во Цетиње, а во Цетињскиот манастир, утре, 31 октомври, на празникот на свети Петар Цетињски, ќе биде отслужена Света заупокоена Литургија. Истиот ден ќе се одржи свечено испраќање на земните останки на Митрополитот Амфилохиј од Цетињскиот манастир до Подгорица, каде што ќе бидат положени во соборниот храм на Христовото Воскресение. Во храмот ќе бидат положени сѐ до недела, кога ќе биде отслужена Света Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговата Светост, Патријархот Српски г.г. Иринеј. По Литургијата ќе биде отслужено опело, а потоа ќе се изврши погребението. Верниот народ во молитвени редици ќе може да се поклони пред неговиот одар, а во деновите после погребението секојдневно ќе се служат литургии и помен во храмовите.

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград. Постдипломските студии ги продолжил во Берн и во Рим. Оттаму заминал за Атина, каде што за време на седумгодишниот престој, покрај секојдневната парохиска служба, докторирал, а тезата што ја напишал на грчки јазик, за свети Григориј Палама, ја одбранил со највисока оценка. Потоа, една година престојувал на Света Гора, па потоа бил повикан да предава на Рускиот православен институт „Свети Сергеј“ во Париз, од 1974 до 1976 година, каде што покрај петте јазика што ги совладал, го восовршил и францускиот јазик. Се замонашил во 1967 година, во Грција, каде што потоа, на 21 јули 1968 година, бил ракоположен за јеромонах. По враќањето во Белград бил избран за декан на Богословскиот факултет и вонреден професор, а на крајот на 1985 година бил ракоположен за Епископ Банатски, со седиште во Вршац, од каде што, воочи Божик во 1991 година, пристигнал во Цетиње, кога бил востоличен за Митрополит Црногорско-приморски-скендериско-брдско-зетски и егзарх на пеќскиот трон. Митрополитот Амифилохиј ја поттикнал обновата на црквите и манастирите и ракоположил голем број свештениците. Во 1992 година го основал списанието „Светигора“, и развил широка издавачка дејност. Во 1998 година го основал и Радиото Светигора. Покрај теологијата и филозофијата, се занимавал и со есеистика и преведување. Автор е на голем број теолошки дела.

На Богословскиот факултет при Универзитетот во Белград предавал од 1980 до 2005 година, кога се повлекол поради многуте обврски. Во 2012 година бил избран за почесен доктор на Институтот „Свети Сергиј“ во Париз.

Митрополитот Амфилохиј беше член на Светиот Архиерејски Синод на СПЦ, и беше втор по ранг меѓу епископите во хиерархијата на СПЦ, веднаш после Патријархот српски.

Нека му е вечен споменот!

Извор: spc.rs