Исповедникот на лепрозните
 
 
 
 
 

Исповедникот на лепрозните (03.09.2019 19:37)

Интервју со Митрополитот Неофит на Морфу

 

 

Старец Евмениј (Саридакис, +1999) беше чудесен подвижник, светител од нашето време, кој се трудеше да ја прикрие својата светост. Митрополитот на Морфу добро го познаваше овој Божји човек: кога живеел во Атина, тој му бил духовно чедо на Старецот.

 

Благослови, Владико! Прво, би сакале да прашаме кога се запознавте со Старец Евмениј?

 

Во 1981 година. Се сеќавам мошне добро. Лепрозните од Лимодон имаа обичај да се шегуваат: „Отец Евмениј, се придруживте во Клубот Десет. Хуморот на лепрозните ме импресионираше. Таа година Андреас Папандреу за првпат дојде на власт. Тој имаше педесет години. Тој е роден во 1931 година.

 

Како се сретнавте со Старецот?

 

Блажениот Герасим (Фокас), поранешен Митрополит Кефалониски, ме запозна со Старецот. Тоа се случи во средата на Великиот Канон. Барав духовен отец и тој ми го препорача отец Евмениј, говорејќи мошне позитивно за него. Сепак, не беше познато дали тој прима за исповед. Во тоа време малку се знаеше за него, дури и како за духовен отец.

Кога му реков дека сакам да се исповедам, Старецот одговори дека тој не исповеда здрави, туку само лепрозни. „Дали тоа значи дека треба да посакам да добијам лепра?“ – го прашав. Тој се насмевна и ми рече дека има духовни отци во регионот Илизија, каде што живеев – и дека треба да отидам кај нив.

Тргнав да си одам, вознемирен, но само што се доближив до вратата, тој ме повика. Старецот подоцна ми кажа дека ме видол во расо (идниот Митрополит тогаш бил мирјанин) и слушнал глас во Светиот Дух: „Задржи го тоа дете. Ќе стане свештеник! И отсега натаму, исповедај ги сите!“ Така, моето доаѓање даде позитивен разултат. Вратата на Старецот беше отворена за секого. Тој беше исповедник, но во текот на неколку години тој ги исповедал само болните.

 

Како би го опишале како духовен отец? Беше ли построг од Вашиот Старец – свети Јаков?

 

Да, би можел да кажам дека беше построг. Тој стануваше построг кога ќе видеше дека оној што го исповеда го сфаќа сериозно тоа што се случува, а не сака само да добие молитва за разрешување и причестување. Тоа значи дека кога духовното восиновување стануваше реалност, тој стануваше построг. На мојата душа ѝ беше потребна таа исцелувачка строгост. Но, ова е мое лично искуство. Некој, пак, би можел да каже дека тој беше најснисходливиот човек.

Јас, лично, имав можност да се сретнам со Старецот неколкупати и да почувствувам духовен магнетизам што привлекува, иако тој „малку“ зборуваше...

Тоа беше благоста на Светиот Дух, која пребиваше во него поради неговото подвижништво. Оваа благодат се излеваше врз сите што беа околу него. Луѓето го чувствуваа тоа, па дури и невоцрковените. Секој чувствуваше дека тој човек има нешто, а тоа „нешто“ беше дарот на Светиот Дух. Знаете, вчера, додека го проучував свети Исак Сирин, се присетив на зборовите што ми ги кажа еден друг светител, Старец Паисиј: „Никогаш не оставај ја оваа книга затворена на масата. Секогаш нека биде отворена, никогаш затворена“. Тогаш си помислив: ако некој ме праша дали познавам некој што искусил сѐ што свети Исак Сирин опишува со такви детали и длабочина, јас би одговорил: Старец Евмениј.

Старецот лично ми кажа како искусил сѐ што свети Исак опишал, и мислел дека сето тоа било прелест, особено по упокојувањето на неговиот Старец, свети Никифор Лепрозниот, кога останал сам во 1964 година. Тој ми рече дека кога аскетските дела на свети Исак Сирин биле објавени од издавачката куќа „Апостол Варнава“ во текот на 1970 година, тој ги читал и сфатил дека тоа што го искусил не било прелест, туку од Бог. Ова откровение го држело буден три дена.

На пример, тој постојано плачел, како што опишува свети Исак. Плачел непрестајно за своите гревови и страсти во текот на две и половина години. Солзите го печеле, како што ми кажа Старецот, и таквите солзи не можат да траат повеќе од две или две и половина години, инаку човекот би се разболел. Солзите течат неконтролирано, не можеш да ги контролираш. „На Литургија – ми кажуваше Старецот – или кога зборував со луѓе, жешки солзи ми течеа од очите и ме печеа“. Сфатив дека зборот „чувство“ има само духовно значење. „Подоцна – рече тој – можев да ги контролирам и не ме печеа.“ Тоа значи дека Старецот ја искусил светоста во полнота.

 

Дали тој некогаш ви зборуваше за свети Никифор?

 

Да, се разбира. Многупати.

 

Кои спомени за Старец Евмениј Ви се најдраги?

 

Па, има многу. Пред сѐ, тој воопшто не судеше. Доколку, благодарение на неговиот дар на проѕорливост ќе забележеше дека судите за нешто, или полошо, осудувате некого, тој почнуваше да „дејствува“. Само ќе замолкнеше, без да ви зборува. Но, ако добро ве познаваше, тогаш можеше да се разлути за да ви дојде умот. И ќе сфатевте дека Старецот го видел вашиот грев, дека сте осудиле некого.

Тој беше почувствителен за судењето и осудувањето отколку за телесните и другите видови гревови. Мораше да имате многу трпение ако сакавте да бидете негово духовно чедо. Моравте постојано да ги слушате неговите коментари во врска со тоа. Тој самиот имаше голем капацитет за несудење. Ако се запалеше, се обидуваше да го изгасне огнот. Но, ако подоцна му кажевте: „Проклет оган! Старче, ти речиси изгоре!“ – тој ќе одговореше: „Што ти е проблемот? Огнот беше многу убав!“ Многумина не ме разбираат кога кажувам вакви работи. На пример, сега, на Кипар станува жешко. Ако на Старецот му кажевте: „Оваа жештина е ужасна!“ – тој ќе ви одговореше: „Жештината е прекрасна“. И секогаш беше јасно дека тој зборува така, вистински верувајќи во тоа. Тој дури ни времето не сакаше да го осуди!

Еднаш, кога врнеше неколку денови, реков: „Пресвета Богородице, уште колку ќе истура!?“ Старец Евмениј одговори: „Ќе истура толку колку што ќе сака Пресвета Богородица“. Тој не сакаше никого да осуди. Ќе му речеа: „Папандреу направи вака или онака“, кога имаше промени во владата. „Добро направено, Папандреу“, ќе одговореше тој. Истото се случуваше и ако разговаравте за други политичари, на пример за Караманлис: „Добро направено, Караманлис!“ Еднаш, некои зилоти сакаа да му кажат нешто за Патријархот: „Патријархот е свет“, рече тој, прекинувајќи ги. Тоа значи дека тој воопшто не дозволуваше критикување на политичарите, црковните работи и... метеорологијата. Неговиот квалитет на несудење ви овозможуваше да сфатите колку тој беше физички чист. Знајте дека човекот што не суди станува чист и е заштитен. На ѓаволот му е тешко да искушува такви луѓе, особено телесно.

Старецот беше мошне радосна личност. Тоа е втората работа што беше особено впечатлива кај него. Има само малкумина луѓе со таква радост. Многумина имаат чувство за хумор, но тој попрво имаше дар на радување. Не мислам дека Бог ќе ме удостои повторно да видам таков човек. Се сеќавам на неговата неискажлива радост на многу литургии и служби што траеја по пет часа. Сѐ до најпоследната молитва, на неговото лице имаше насмевка.

Веројатно малкумина знаат дека еден демон се бореше против него некое време. Неодамна, еден опседнат млад човек сподели како го замолил светителот да го исцели, а светителот му одговорил: „Ќе ти помогнам, но треба да знаеш зошто ти се случило тоа. Мене тоа ми се случи поради гордост, а тебе – поради богохулење“.

 

Кога демонот го обзеде, дали отец Евмениј веќе го познаваше Старец Никифор?

 

Да, тие се знаеја. Но, од смирение, свети Никифор не направи ништо. Тој го испрати отец Евмениј во неговиот роден град на островот Крит, и тој беше ослободен од лошиот дух од страна на двајца големи светители, кои не се официјално прославени: Старец Никодим Исповедник и Анастасиј (Кудумијанос), негов близок пријател. Тие се големи Критски светители. Кога славата за неговата способност да изгонува демони се рашири, Никодим го напушти островот и се повлече на Света Гора, каде што живееше во скитот Капсала, недалеку од селото Кариес.

 

Дали е точно дека и други подвижници биле духовници на лепрозните во болницата Лимодон?

 

Да, ним им требаше некој за тоа. Му кажав на агиографот на Старецот – монахот Симеон – за тоа. Му реков дека никој не станува светител по своја волја. Секој е помогнат од својата околина, и позитивната и негативната. Опкружувањето на Старец Евмениј му помогна да ја постигне светоста.

Иако самиот беше човек Божји од раѓање, многу му помогна тоа што, кога се најде во Лимодон, таму беше, прво, свети Никифор, кој го подражаваше начинот на подвизување на свети Антим Хиоски и, второ, свети Антим, следбеник на подвижничкиот систем на свети Пахомиј Хиоски – Старецот на свети Нектариј Егински. Какво друштво!

Во Лимодон имаше и други луѓе, кои беа осветени со молитва, трпение и послушание кон отците Евмениј и Никифор.

Имаше една жена по име Вангелија, од Кипар, која беше слепа и парализирана од раѓање. Ја познавав мошне добро. Оваа слепа жена Ја виде Пресвета Богородица. Ѓаволот ја фрлаше од нејзиниот кревет на мермерниот под во собата поради тоа што читаше акатисти. Не ја викаше медицинската сестра за да ја подигне, не сакаше никого да вознемирува. Само ќе лежеше таму два часа, додека не се случеше да влезе сестрата и, наоѓајќи ја на подот, ќе ја вратеше назад во кревет. Еднаш ми кажа дека многу била настината, но нејзината желба да не ја заморува сестрата била толку голема, што лично Пресвета Богородица ја подигнала и ја положила на креветот.

Агрипа беше уште една осветена жена. Отец Евангелиј (Папаниколау) кажуваше какво благоухание се излевало при отворањето на нејзините мошти.

И да не ги заборавиме оние праведни луѓе Аристид и Харалампиј.

 

Тоа се двајцата кои му помагаа на отец Евмениј да го чита Псалтирот?

 

Не само да го чита Псалтирот. Коста беше чтец. Тој, исто така, страдаше од лепра, но не живееше во Лимодон. Тој доаѓаше да пее на певница. Михаил, слеп човек, исто така, помогаше со Псалтирот. Ние одевме во црква во утринските часови и почнувавме со Утрена. Потоа доаѓаше Михаил и почнувавме со Литургијата, која Михаил ја знаеше напамет. Од литургиите и молитвите на Старецот и на лепрозните течеше свето миро.

Во текот на сите години, освен последната, Старец Евмениј трпеливо се криеше. Дозволете да ви објаснам што значи „да се крие“. Доколку тој проѕреше дека некому во автобус или во такси сум му рекол дека одам кај Старец Евмениј – светиот човек – тогаш, кога ќе пристигнев, тој ме чекаше со „напад“. Не беше лесно да се биде околу него. Тој знаеше што мислите, какви желби имате, за што судите, кого осудувате, кого не поднесувате. Но, тој сѐ претвораше во шега и секогаш се смееше со своето карактеристично смеење.

Има уште многу нешта на кои би можел да се сетам. Сето тоа му го реков на отец Симеон, кој пишува книга за Старецот. Единствената работа за која тој не зборува се луѓето што беа околу Старецот. Можеби треба да се напише втора книга, која зборува за другите пациенти. Блажениот Герасим (Фокас) имаше обичај да ја нарекува Лимодон „Света Гора во Атина“.

„Света Гора во Атина“ беше место за прибежиште од човечката болка. Луѓето, безмилосно измачувани од оваа ужасна болест, трпеливо го носеа својот крст, водени од Старец Евмениј, тој духовен плод на свети Никифор, на свети Антим, свети Пахомиј... Отец Евмениј ја поддржа и ја внедри надежта во тие пациенти, кои „Бог ги најде верни“.

Во едно бездуховно време, тој живееше меѓу нас и ги поддржуваше Божјите луѓе.

 

Извор: orthochristian.com