Потврдена автентичноста на моштите на свети Максим Исповедник во Грузија
 
 
 
 
 

Потврдена автентичноста на моштите на свети Максим Исповедник во Грузија (29.10.2015 13:59)

Во Тбилиси се одржа меѓународна конференција посветена на животот на преподобен Максим Исповедник (580 – 662), на која што беа објавени податоците од испитувањата на моштите на светителот, пронајдени во 2010 година во Цагери (Грузија). На конференцијата учествуваа научници од Грузија, Србија, Грција, Русија, Велика Британија и Австралија.

Резултатите од испитувањата на моштите ги објави Цагерскиот Архиепископ Стефан. „Во Грузија отсекогаш постоело црковно предание дека моштите на преподобен Максим се наоѓаат во манастирот на преподобен Максим, во тврдината Мури, близу Цагери, под престолот на денешната мала црква. Уште како студент знаев дека светителот е погребан некаде во Цагери. Со текот на времето почнав сѐ повеќе да се интересирам за ова прашање, се запознав со изворите, со богословските истражувања и резултатите од археолошките ископувања, спороведени во 1914 година. Ги користев трудовите на Корнелиј Кекелидзе, Александар Брилијантов и Сергеј Епифанович. Истражувачкиот тим од 1914 година направил ископувања околу црквата, но не и внатре во неа. Резултатите потврдиле дека црквата е стара, дека околу имало манастир, но не било пронајдено ништо во врска со преподобен Максим. Потоа започнала Првата светска војна, па дошла револуцијата и работата запрела“, раскажа Архиепископот Стефан.

Тој раководеше со ископувањата при кои беа откриени моштите: „Започнувајќи со ископувањата во црквата, се посомневавме во исправноста на таа одлука, бидејќи за тоа беше потребно и специјално одобрение од страна на Грузискиот Патријарх. Но секако требаше да се направи реставрација на внатрешноста на црквата: да се смени подот, да се направи нов мермерен престол. Денешната црква е изградена од локалното население во 1988 година без специјален проект, откако старата црква била разрушена од болшевиците. Сигурни бевме дека токму тука се наоѓаат моштите на преподобниот, зашто и во годините на советската власт народот го почитуваше ова место како гроб на преподобен Максим“.

„Од извори дознаваме дека преподобен Максим и неговите ученици биле изложени на прогон: за да бидат спречени од можноста за проповед и богослужење им биле отсечени јазиците и прстите на рацете. Пронајдените останки, исто така, беа со отсечени прсти, а во усната шуплина постоеја траги од инфекција што може да се развие само од присуство на отворени рани додека човекот е жив. Беа откриени мошти на четворица луѓе. Едниот од нив бил погребан на пониско ниво. Најверојатно тоа се останките на свети Арсениј, кому што овој манастир од почетокот бил посветен. Тројца се погребани на малку повисоко ниво и според антрополозите станува збор за преподобен Максим и неговите ученици Анастасиј (кој го составил житието на свети Максим) и Анастасиј монах. Во испитувањето на останките учествуваа научници, археолози, антрополози, патолози и анатоми, кои докажаа дека пронајдените мошти навистина се од преподобен Максим Исповедник.“

Извор: Двери.бг