Вистината за телевизијата
 
 
 
 
 

Вистината за телевизијата (23.03.2015 15:05)

Една од најалармантните вистини за телевизијата е дека таа ги уништува книгите.

            Кога ќе завршат училиште, над шеесет проценти од возрасните Американци никогаш повеќе не прочитуваат ниту една книга, а другите, во најголемиот број случаи, читаат само по една книга годишно. Алвин Кернан, писателот на книгата „Смртта на книжевноста“ – „The Death of the Literature“ – изјавува дека читањето книги „престанало да биде примарен начин за нешто да се дознае во нашето општество“. Исто така, кажува дека во последните дваесет години процентот на дипломирани студенти по англиска книжевност е опаднат за триесет и три проценти, и дека на многу универзитети предавањата во голема мера се сведени на редуцирано читање. Понатаму додава дека библиотеките во САД се во криза, бидејќи имаат само неколку покровители што ги поддржуваат.

            Над илјада наставници во основните и средните училишта, исто како и на факултетите, може да посведочат дека пишаните состави на нивните ученици покажуваат склоност кон површност, каква што не можело да се сретне пред десет или петнаесет години. Тоа не се пројавува само во недостатокот на аналитички способности кај студентите, туку и во нивното слабо владеење со граматиката и реториката. Еден постдипломец ме праша што е тоа точка и запирка. Телевизијата ја распарчи механиката на англискиот јазик. Визуелни, движечки слики, кои спаѓаат во доменот на телевизијата, не можат да се контролираат со мрежата на одбран речник. Тие сакаат да ја раскинат. Тие навистина немаат ништо заедничко со јазикот. На тој начин се унакажани јазикот, граматиката и реториката.

            Исто така, неодамнешни испитувања направени од голем број организации навестуваат дека повеќе од четириесет проценти од американската јавност е практично неписмена. Тоа значи дека способностите за читање и пишување на нашите граѓани, ако воопшто и ги поседуваат, се толку сериозно ослабнати што, кажано со соодветниот жаргон на нашето време, тие се „нефункционални“. Проблемот не е само во нашите училишта или во начинот на кој луѓето се учат да читаат: телевизијата ги учи луѓето да не читаат. Таа ги прави луѓето неспособни да се посветат на една уметност на која денес се гледа како напорна, бидејќи бара активно учество наместо пасивна состојба на хипнотизираност.

            Пасивна каква што е, телевизијата целосно ја окупирала нашата култура, така што нејзините последици може да се забележат во секоја област, па дури и во доменот на книжевноста. Тие се пројавуваат во секоја џепна книга што се продава по супермаркетите, од Стивен Кинг (кој дури и поседува одредена интелектуална вештина) до петпарачки приказни. Всушност, тоа се облици на вербална телевизија – книжевност што до таа мера е извештачена што тие што ја читаат можат да уживаат во истите возбудливи впечатоци што ги доживуваат при гледањето телевизија.

            Што е уште поважно, кажува Кернан, растечкото влијание на телевизијата ги измени човековите навики и вредности и влијаеше врз нивните претпоставки за светот. Рефлексивното, критичко и мисловно оптеретено вреднување, поттикнато од книгите, е целосно застарено.  

 

Последиците од телевизијата врз учењето

 

Телевизијата буквално влијае врз начинот на кој луѓето размислуваат. Во „Четири причини за укинување на телевизијата“ (1978), Џери Мендер наведува цитати од Емери репорт (Emery Report), кои биле приложени од Центарот за континуирано образование (Center for Continuing Education) на Австралискиот национален универзитет во Канбери, кои тврдат дека кога гледаме телевизија, „нашите вообичаени начини на размислување и проценување, во најдобар случај, функционираат само половично...“ Ова истражување, исто така, докажува... „дека иако се чини дека телевизијата има можност на гледачите да им овозможи корисни информации, и иако се велича поради нејзината улога во образованието, технологијата на телевизијата и нејзиното својствено искуство на набљудување во суштина го оневозможуваат нејзиното учење во рамките во кои обично размислуваме за неа“. Конечната проценка гласи вака: „Докажано е дека телевизијата не само што ја разорува способноста за концентрација на гледачот туку, исто така, завладувајќи со комплексот на директните и индиректни нервни канали, ја намалува будноста, односно општата состојба на возбуденост што го подготвува организмот за дејствување – со тоа што неговото внимание го одвлекува кон специфичен стимул“.

            Сите сме ја доживеале следнава реакција:

         Тато, време е за...

         Ајде, излегувај одовде!

         Но, тато, мама само што падна низ...

         Остави ме на мир! Нели гледаш дека го гледам завршниот натпревар?

Како се завладеани нашите нерви? Ние мислиме дека гледаме слика или претстава на нешто, но тоа што всушност го гледаме се илјадници светлосни точки што се вклучуваат и исклучуваат како light show, пресметано да се одигра доволно брзо за да нѐ спречи да препознаеме одредена појава. Пред повеќе од една деценија, Мендер и некои други укажуваа на случаеви на „ТВ епилепсија“ кај луѓе кај кои ефектот на непрестајното вклучување и исклучување ги надминувал нивните можности, а „Медицинскиот весник Нова Англија“ (New England Journal of Medicine) од неодамна оваа несреќа ја почести и со медицинска класификација: епилепсија на видеоигри.

 

Сенки на екранот

 

Телевизијата, исто така, нѐ учи дека луѓето не се целосно вистински; тие се само слики, црно-бели сенки или мали битија во боја што се движат по медиумот кој не е подебел од стакло и кој е направен од тоа бомбардирање на електрони.

За жал, намерата е за нив да се размислува на начин на кој размислуваат децата кога гледаат премногу слики: луѓето се само објекти што може да се отстранат со далечински управувач; тие може да паднат од карпи, да се скршат на парчиња и повторно да се состават. Тие бессодржајни, насилни слики немаат основа во реалноста. Вистинските луѓе не се слики, туку реални, физички и телесни битија кои имаат душа.

Секако дека насилството на телевизија предизвикува насилство; направени се многу истражувања, поткрепени со докази, за да би можело да се тврди спротивното. Едно од нив, кое се спроведува веќе триесет години, е започнато од психологот Леонард Ерон, почнувајќи со испитување на 875 осумгодишни деца во државата Њујорк. Анализирајќи го начинот на родителско воспитување на децата и агресивноста на училиште, Ерон открил дека пресуден фактор е времето што децата, со одобрување од родителите, го поминуваат пред телевизорот.

Сегашниот соработник на Ерон на тоа распространето и сѐ уште актуелно истражување, професор по психологија на универзитетот во Илиноис, Раул Хојман, пишува:

„Кога започнало ова истражување во 1960 година, гледањето телевизија не била неговата најважна точка. Но, веќе во 1970 година, по 10-годишно истражување, едно од најдобрите објаснувања што можевме да го понудиме за агресивното однесување кај децата-тинејџери беше количината насилство што тоа го гледало како дете, за во 1981 година да откриеме дека возрасните личности што биле прогласени за виновни за најсериозни злосторства, се истите деца што биле агресивни тинејџери и кои како деца во најголема мера гледале насилство на телевизија“.

Каде е овој извештај? Погребан е во една студентска публикација на универзитетот во Илиноис. Во 1982 година, Националниот институт (National Institute of Mental Health) објави свое истражување: „Телевизијата и однесувањето: десет години на научен напредок и неговото значење во 80-тите“. Тој извештај потврдува дека постојат „неоспорни докази“ дека насилството што се прикажува на телевизија води кон агресивно однесување на децата и тинејџерите.

 

Телевизијата – уништување на нашата суштина

 

Телевизијата ги уништува книгите. Таа ги уништува академските знаења. Таа ги уништува позитивните карактерни црти. Колку семејства познавате што времето навечер го поминуваат пред телевизискиот екран и кои ретко комуницираат едни со други? Колку од нив со телевизорот го подготвуваат појадокот или се подготвуваат за работа или за училиште?

А што се случува со училиштата? Сум слушал универзитетски професори како за своите студенти кажуваат: „Па, мора да ги забавувате на некој начин“. Еден од нив, кого го познавам, наместо читање препорачува гледање телевизија и видео проекции „во кои на секои десет минути се вметнуваат реклами за студентите да останат будни“. Тоа не е само заштитнички став, тоа е избегнување одговорност. Учителот би требало да поучува. Меѓутоа, телевизијата ги уништува принципите на луѓето за кои се претпоставува дека би требало да бидат одговорни, преобразувајќи ги во пасивни слуги на Киклопот.

Телевизијата ја уништува нашата суштина. Мендел тоа го нарекува посредно искуство: „Сѐ што гледаме, слушаме, допираме, мирисаме, чувствуваме или сфаќаме за светот на телевизија е веќе претходно подготвено“. И кога веќе не можеме сигурно да правиме разлика меѓу толкуваното и природното, или меѓу вештачките и органските облици, сите теории за идеалното уредување на животот стануваат еднакво вредни. Со други зборови, телевизијата учи дека сите начини на живот и сите вредности се еднакви и дека нема јасно дефинирана разлика помеѓу доброто и злото...

За време на 60-тите и 70-тите, многу традиционални и општествени норми и правила биле изложени на тешки напади; всушност, тие биле отфрлени, и тоа во голема мера, со помош на телевизијата која тогаш само што стапувала на сцена. Околу многу поединости на секојдневниот живот е создадена атмосфера на нереалното. Дури и „големите“ морални прашања претрпеле искривување кога биле сведени на ТВ слики. За време на војната во Виетнам постоело и сликовито насилство – војници и цивили кои навистина умирале – на екранот. Сцената што го шокирала народот била сцена со извршување на казни, прикажана во ударниот телевизиски термин, кога на жртвата со пиштол ѝ било пукано во глава. Секоја ноќ луѓето се „вклучувале“ во војната и нивното мислење во голема мера било обликувано врз основа на тоа што го гледале, како да можело многу сложени и противречни заклучоци за причините, водењето и одлуките во војната накратко да се прикажат во тие извештачени емисии.

Истиот феномен можевте одново да го видите за време на неодамнешната Заливска војна. Со возбудлива музика во позадина и софистицирана компјутерска графика, секоја телевизиска мрежа со големи букви го истакнуваше натписот што можеше да се прочита преку екранот – „Војна во Заливот“, како тоа да е уште една од телевизиските програми. Војната не е ТВ програма. Тоа е валкано, крваво разорување. Секојдневно се убиваат луѓе. Па, сепак, телевизијата прави сѐ за да нѐ научи дека тој масакр е уште една разонода, уште еден облик на експлозија на возбуда – голема претстава на која присуствуваат сите интернационални „ѕвезди“.

Во последните години од својот живот, Малколм Магериџ, прагматична и ретка телевизиска личност и новинар, кој во староста ја прифати верата, предупредуваше:

„Во студиото бев од првиот момент. Чувствував дека тоа е далеку од добро. Чувствував дека на крајот телевизијата ќе биде непријателски расположена кон тоа што најмногу го ценев, а што е изразување на вистината, односно вербално изразување на вашите реакции на животот. Мислам дека ќе го доживеете времето кога книжевноста ќе стане голема реткост, зашто сѐ повеќе и повеќе преовладува прикажувањето на слики“.

Магериџ заклучил: „Не мислам дека луѓето ќе бидат преокупирани со идеи. Мислам дека ќе живеат во свет на мечтаење во кој не ви се потребни никакви идеи. Единствената работа што телевизијата не може да ја направи е изразувањето на идеи... Постои опасност во минување на животот во слики, а тоа е токму она што телевизијата го прави. Правејќи го тоа, таа го искривоколчува животот. Далеку од тоа дека камерата е прецизен запис на тоа што се случувало, таа е неговата целосна спротивност. Таа не може да ни ја пренесе реалноста, ниту, пак, сака тоа да го направи“.

 

            Лари Војвуд

Извор: ORTHODOX AMERICA, vol. XIII, No. 3 (119)