Патријархот Кирил се моли за мир во Украина
 
 
 
 
 

Патријархот Кирил се моли за мир во Украина (04.03.2014 14:22)

Неговата Светост, Патријархот Московски и Руски се заложил дека ќе стори сè што е во негова можност за да „ги убеди властите да спречат цивилни жртви.“ Во неговиот одговор на писмото на местобљустителот на Киевската митрополитска катедра, меѓу другото, се вели:

„Политичките конфликти водат кон конфронтации и поделби меѓу луѓето, дури и оние, истоверните. Загрозено е опстојувањето на Украина како единствена држава. Оние настани се резултат на внатрешната политичка криза, неспособноста на различните општествено-политички сили да се договорат за ненасилно решение на постоечките општествени проблеми.

Чеда на нашата Црква се луѓе со различни политички погледи и убедувања, вклучувајќи ги и оние кои седат на спротивставените страни на барикадите. Црквата не зазема страна во политичката борба. Но, Црквата е должна да се грижи за оние кои се жртви на насилство, на кои им е потребна заштита, чиј живот е во опасност.

Крвта на нашите браќа пролеана во Киев и другите украински градови е плод роден од семето на омраза коешто учесниците на спротивставените страни дозволиле непријателот на родот човечки да го посее во нивните срца. Нека нашиот семилостив Отец не допушти брат да тргне против брата си, или било кое друго насилие, или оскверување на светите храмови. Да нема веќе крвопролевање на украинската земја. За ова да ја вознесеме нашата заедничка горешта молитва.“

Во телефонскиот разговор на Патријархот со Вршителот на должноста Претседател на Украина, г. Александар В. Турчинов, Патријархот ја изразил неговата длабока загриженост од развојот на настаните во Украина. Според соопштението за медиумите, тој потенцирал дека треба да направи сè што е потребно за да се стави крај на човечките жртви, и да се сопре насилството и секој вид на етничка или верска дискриминација.

Извор: mospat.ru, Interfax, Voice of Russia