Рускиот Патријарх Кирил ги посети олимписките објекти во Сочи
 
 
 
 
 

Рускиот Патријарх Кирил ги посети олимписките објекти во Сочи (06.02.2014 22:54)

На 4 февруари 2014 г. Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија пристигна во Сочи и посети голем број спортски објекти кои ќе бидат дел од Олимпијадата, соопшти прес-службата на Московскиот Патријах и на цела Русија.

Во придружба на почесниот потпретседател на Олимпискиот комитет на Русија В.А. Васин Неговата Светост го посети Центарот за санкање „Санки“ каде ги разгледа страната и зоната за финиш, а ги проследи и тренинзите на спортистите кои се подготвуваат за настап на Олимпијадата.

Потоа Патријархот Кирил го посети комплексот за скокови „Руски ритчиња“ и ски-стадионот.

На еден од спортските објекти во разговор со новинарот на РИА „Новости“ Неговата Светост Патријархот Кирил особено истакна: „Верувам дека спортот му е од голема полза на човекот. Физичките активности и, најважното, психолошкиот тренинг, кои ги практикува човекот што се занимава со спорт имаат посебно влијание врз формирање на карактерот. Се здобиваат исклучителни квалитети: човекот треба да биде храбар, мажествен, способен да преземе разумен ризик“. „А кога станува збор за тимските спортови, исто така важни се взаемната поддршка, тимскиот дух, вистинската солидарност“, соопшти Владиката.

Според неговите зборови полезно е во спортот да бидат вклучени сите, без оглед на професијата. „Така се создаваат прекрасни човекови квалитети кои му се потребни во животот, независно дали тој е доктор, инженер, бизнисмен, политичар или свештеник“, рече Неговата Светост.

Тој го пофали квалитетот на олимписките објекти, работата на нивните дизајнери и градители, но и истакна дека таквата инфраструктура многу ќе значи за напредокот на спортот и во иднина. „Им посакувам успех на спортистите на Олимпијадата“, рече Патријархот.

На 5 февруари Московскиот Патријарх и на цела Русија ги разгледа спортските објекти во крајбрежниот дел и отслужи молебен во храмот на Неракотворниот образ во Сочи, на кој присуствуваа олимписките тимови од Белорусија, Молдавија, Русија и Украина.

Денес тој се сретна со волонтерите кои се дел од Олимпијадата благодарение на препораките на црковните организации.

Свечената церемонија за отворањето на Зимските олимписки игри во Сочи ќе се одржи утре на 7 февруари.

 

 

 

Извор: Православие.ру