Во Јордан е откриена византиска црква
 
 
 
 
 

Во Јордан е откриена византиска црква (18.06.2013 12:26)

Крадењето од археолошките локации е многу распространета појава во Јордан. Меѓутоа  неодамна, недалеку од градот Јераш, една таква кражба придонесе за пронаоѓање на мозаичен под на досега непозната црква од византискиот период.

„Под околу метар земја, подот од мозаик бил речиси совршено сочуван“, рекол, во разговорот за The Jordan Times, Жак Сиње, директорот на Француската археолошка мисија во Јераш.

Подот е со димензии 5x7 метри, и на него се наоѓа натпис во кој се спомнуваат ктиторот и уметникот. Мозаикот потекнува од 589-590 година.

Оваа археолошка локација се наоѓа на приватен имот, близу Јераш, на околу 40 км северно од Аман. Јераш, познат како Гереса во текот на грчко-римскиот период, го достигнал својот врв во 6 век, како дел од Источното Ромејско Царство.

„Крадците копале ноќе и случајно го откриле мозаикот“, рекол Раф Харахша, претседателот на Јорданското одделение за антиквитети. „Следното утро дошле во седиштето на Одделот во Јараш и раскажеле за тоа, што и не е баш вообичаено... така што моравме многу брзо да реагираме“.

Во зависност од средствата, според зборовите на Харахша, Одделението ќе одлучи „дали да го купи земјиштето или мозаикот да го премести во музеј“.

Извор: Светигора