Послание на Антиохискиот Патријарх Јован X по повод Рождеството Христово
 
 
 
 
 

Послание на Антиохискиот Патријарх Јован X по повод Рождеството Христово (07.01.2013 13:21)

Христовото раѓање меѓу нас нѐ задолжува да бидеме постојани во следењето на Неговите поуки, одбележа новиот Антиохиски Патријарх Јован. Тој ги повика христијаните од својата паства да ја споделат радоста на својот празник со своите муслимански сограѓани.

 

„Овие спасителни празници се совпаѓаат со времето кога нашата Црква размислува за заминувањето при Господ на блаженоупокоениот патријарх Игнатиј IV, којшто ја раководеше Црквата со грижа и одговорност многу десетолетија. Споменот за него ќе остане засекогаш во нашите срца и мислите, и ќе биде вечен во Бога, Којшто го раководеше за време на неговиот земен пат. Исто така тие се случуваат во време, кога нашата Црква заедно со својот народ страда од тажни настани, коишто носат толку насилство во нашите краишта. И покрај моето недостоинство надежта во Бога и во целата наша Црква ми дава крепост да ја очекувам Божјата помош, којашто ќе ни помогне да ги надминеме тешкотиите и да имаме една подобра иднина“.

 

Новиот Антиохиски Патријарх се заблагодари на својата паства за молитвите, постот и надежта за време на предизборниот период, и за радоста после неговиот избор за наследник на патријаршискиот трон.

 

„Божјиот Син доаѓа смирен при нас и чука на вратата од нашето срце, сакајќи да се роди во него“, рече Антиохискиот Патријарх. „Затоа Рождеството Христово не е само спомен за историскиото случување за раѓањето на Христос од Дева Богородица во јасли. Многу повеќе тоа е призив Христос да се роди внатре во нас. А тоа ќе се случи кога ние самите ќе го побараме во чистота, подражавајќи ја Пречистата Марија. Христовото раѓање во нас нѐ задолжува да бидеме постојани во следењето на Неговото учење, за да ја претставиме Неговата Црква без порок и слабост, чиста и украсена со Светиот Дух. На тој начин ќе разбереме дека Христовата Црква е наша мајка и дека пастирите и верниците се повикани да бидат апостоли на Христос и да ги водат Неговите браќа од целиот свет по патот на помирувањето и надминувањето на насилството, за да се зацари Неговиот мир. Светот не може да биде убеден на друг начин, освен ако не почувствува дека учениците на Христос го сакаат и му служат. Црквата е наша мајка. Секој од вас е важна личност и зазема посебно место во неа. Пастирството како задолжение на црковните пастири е ваше право. Пастирот на сите нивоа од својата пастирска дејност треба да биде близок до вас и да ги слуша ваште проблеми, трудејќи се да ви помогне и да одговори на прашањата важни за вас... Еве, блиску сме до големиот Празник, а многу чеда на Црквата се бездомници, далеку од своите домови со многу проблеми. Нашата задача како браќа е да се потрудиме да им помогнеме не само со пари и со друга материјална помош, туку и да ги посетуваме како израз на љубов и сострадание. Да празнуваме и со нашите браќа муслимани, коишто го величаат Господ Исус Христос и Го празнуваат Неговото раѓање од Пречистата Марија по Божја волја. Да ја споделиме празничната радост со нив, да успееме заедно да направиме дијалог на живот, на заеднички соживот и разбирање за нештата, коишто нѐ обединуваат во верата и во секојдневниот живот.

 

Овде сакам да упатам еден збор до оние наши чеда, што нѐ гледаат од сите краишта на светот, од Персискиот залив, Европа, Австралија и од двете Америки. Вие сте во моето срце од моментот кога се запознавме за време на моето патување и служење. Ви испраќам апостолски благослов, уверувајќи ве дека секој од вас одделно го носам во своето срце. Се молам на Бога да ме направи Свој верен служител, и да работиме заедно, за да се прослави Бог во човекот, когошто го засака, и во Црквата, којашто го возвести Неговото име во овој свет“.

Дамаск, 2012 г.

Антиохиски Патријарх Јован X