Во септември ќе се одржи Недела на православната книга
 
 
 
 
 

Во септември ќе се одржи Недела на православната книга (03.09.2012 18:21)

Од 10 до 16 септември во Варна ќе се одржи веќе традиционалната Недела на православната книга. Овогодинешната тема е поврзана со светската криза и духовните предизвици, коишто ја предизвикуваат. „Кризата како можност за духовно обновување на човекот и општеството“ е мотото кое според организаторите ќе ги обедини учесниците во настанот. Таа ќе биде отворена со беседата на Варненскиот и Великопреславскиот Митрополит Кирил, насловена: „За мачеништвото и за сведоштвото на верата“.

Помеѓу очекуваните странски гости се свештеникот Андреј Лоргус, ректор на Институтот за христијанска психологија при Руската Православна Црква, проф. Димитриј Целенгидис од Богословскиот факултет на Солунскиот Аритотелов универзитет, монахот Мојсеј Светогорец, духовник на келијата „Св. Јован Златоуст“ при скитот „Св. вмч. Пантелејмон“ на манастирот Кутлумиш, архимандритот Хризостом Мајдонис, протосингел на митрополијата на Јерисос и Света Гора, проф. Валери Алексов, претседател на Меѓународниот јавен фонд „Единство на православните народи“.

Ќе бидат презентирани најразлични нови книги од нивните автори, како „Катихезиското учење на св. Кирил Ерусалимски“ од д-р Магдалена Легкоступ од Православниот богословски факултет при ВТУ „Св. Кирил и Методиј“, „Монахот – кнез“ од Георги Тодоров, „Опасноста за општеството од окултните секти во современиот свет“ од Бисер Бошков, „Суеверието на денешните христијани“ од јеромонах Висарион од манастирот Зограф, јубилејниот десетти том од едицијата „Руските писатели и Православието“ од јеромонах Јован (Филипов), книгата „Православието – дијалози и лица“ од проф. Валери Алексов, „Византија и византискиот свет“ од проф. Василка Тпкова-Зимова, доц. д-р Димитар Димитров, доц. д-р Пламен Павлов, „Сага за Балканската војна – Дневник на свештеникот Иван Дончев“ составена и редактирана од доц. д-р Лизбет Љубенова од Институтот по историја при БАН, „Исповедникот на Левски“ од д-р Иван Иванов, уредник на музејот „Луканова къща” и други.

Предвидена е и тркалезна маса на тема: „Семејството, воспитувањето, образованието и заштитата на младите“. Ќе бидат проектирани и разни документарни филмови, а концерт ќе одржи хорот за источно пеење „Роман Слаткопевец“.

Извор: Двери.бг