Православието во потсахарска Африка
 
 
 
 
 

Православието во потсахарска Африка (18.08.2012 13:18)

Православната мисија во потсахарска Африка постои нешто повеќе од сто години. Ја започнале грчките емигранти, а ја продолжиле монасите-мисионери, како Козма Григоријатски. Народот во Африка бил наклонет кон Православието бидејќи тоа не било извалкано од колонизаторите. Еден од сведоците за успешната православна мисија во потсахарска Африка е и Катаншката епархија, во областа Катанга, држава Конго, под јурисдикција на Александриската Патријаршија.

Во северна Африка христијанството се утврдило уште во првиот век и на тие простори добро се познати неговата древност и бурна историја. Но за православното христијанство во потсахарската област не се знае речиси ништо. Тоа на тие простори е присутно нешто повеќе од сто години, а дошло заедно со православните емигранти, главно грчки трговци, кои во својата нова татковина организирале национални заедници и основале цркви. На почетокот биле под јурисдикција на Цариградската Патријаршија, за подоцна сите такви заедници во Африка да потпаднат под управата на Александриската Патријаршија.

 

Распространување на Православието

Набрзо Православието привлекло и локално население. За време на раниот 19 век, група од црни Африканци методисти, незадоволна заради расизмот внатре во методистичката црква и останатите протестантски групи, се свртела кон Православието и основала Африканска Православна Црква. Тие, на чело со својот водач, Џерџом Мегваер, имале идеја за создавање на чисто црнечка црква. Настојувале да бидат признаени од поединечни претставници на Руската Православна Црква, кои ја напуштиле Русија после болшевичката револуција и емигрирале во Африка, меѓутоа, тие обиди не вродиле со плод. Конечно Мегваер е хиротонисан за епископ во Африка, но таа хиротонија не била регуларна и подоцна е поништена. Мегваер за епископ го хиротонисал Даниел Вилијам Александар, кој организирал црква во јужна Африка. Во текот на триесетите години, таа црква воспоставила врски со Александриската Патријаршија, а во 1946 г. е признаена како канонска Православна Црква. Таа е една од ретките независни Африкански Цркви, која е признаена и од државата, а придобивката од тоа признавање била и можноста да купува вино за Светата Причест, бидејќи пред 1962 г. црнците не смееле да купуваат „пијалак за белците“. Она што го привлекло црнечкото население во Православната Црква било тоа што таа немала никакви врски со колонизаторската власт. Локалното население се плашело од римокатоличката црква, која била поврзана со француската и португалската власт, како и од протестанските цркви, кои биле поврзани со британската империја. Православието станало привлечно за црнечкото население, кое било на прагот на ослободувањето и стекнувањето независност, но како последица на тоа, властите станале непријателски расположени кон Православието. После Втората светска војна и јакнењето на антиколонијалните движења, православната вера е забранета, верниот народ и свештеството се протерани и апсени, а црквите уништувани. Улогата на Православието во борбата протов колонијализмот, во тоа време е сметана за срамотна, а Африканското Православие често се сметало за еден вид на паганизам.

 

Мисијата во државата Конго

Архимандритот Хризостом Папасарантопулос дошол во Африка на шеесет години и без никаква помош мисионарел дванаесет години во Уганда, Танзанија и Кенија. Потоа, дошол во Заир (денешно Конго), во областа Катанга и градот Колвези, каде трудољубиво работел сѐ до 1972 г, кога и се упокоил. После него, мисинерските активности во овие предели ги продолжиле отец Харитон Пневматикакис и архимандрит Амфилохиј Цукос. Јеромонахот Серафим Пархаридис, исто така бил активен во Колвези, но трагично настрадал во 1978 г., ранет во политичките немири. Во 1975 г. во Колвези доаѓа младиот Јанис Асланис и помага во мисинерската работа за во 1978 г. да отиде на Света Гора и во манастирот Григоријат да прими монашки чин. Бескрајно вљубен во Африка, се враќа во Заир како јеромонах Козма Григоријатски. Тука поминува дванаесет многу плодни години, а неговиот живот трагично завршил во сообраќајна несреќа во 47-та година. Покрај тоа што станал прототип на современиот православен мисионер и што ја зачувал мисијата во Катанга во многу тежок период, отец Козма ќе остане запаметен и по тоа што ја остварил амбициозната програма за земјоделски развој, успевајќи во тој дел од Африка да одгледува разни видови на посеви, кои пред него, никој не успеал да ги одржи. Јеромонахот Козма е заслужен и за основањето на основното училиште „Христова Светлина“, бидејќи јасно ја воочил потребата од квалитетно образование на африканското население. Училиштето започнало со работа една година по неговата смрт.

 

Катаншка епархија

Катаншката епархија, некогашната Колвешка епархија, денес е епархија под јурисдикција на Александриската Патријаршија и ги опфаќа парохиите на територијата Катанга во државата Конго (некогашен Заир). Основана е на 1 ноември 2006 г. Нејзиниот прв и сегашен Епископ е Мелетиј Камилудес. Роден 1948, дипломирал на Богословскиот универзитет во Атина, а бил замонашен во манастирот Григоријат на Света Гора. Во 1989 г. доаѓа во Колвези за да ја превземе православната мисија, која ја востанови отец Козма. За Епископ го хиротониса Александрискиот Патријар Теодор II. Соборната црква во Колвези е посветена на св. Георгиј, а во 1974 г. ја основале грчките емигранти. Таа е центар на црковниот живот во епархијата. Тука се наоѓа и гробот на отец Козма, кој претставува извор на инспирација и благослови за верниот народ на Катанга. Во текот на минатата година крстени се околу 1300 катихумени, кои претходно ја поминале катихезата во траење од две до три години. Во епархијата постојат две црковни земјоделски стопанства, кои претставуваат еден вид на борба против чумите кои создаваат непријатности во Африка, а тоа се, пред сѐ, гладта и болестите. Постои и фарма за производство на сирење и производи од млеко. Што се однесува до здравствената заштита, постои епархиски Здравствен центар посветен на светите Козма и Дамјан, во кој работат три лекари и се грижат за здравјето на населението во Колвези и блиските околини. Со Божја благодат основан е и Медицински центар на Православната Црква во Каманиола. Во епархијата постојат 51 православна образовна установа со 350 вработени и три интернати за сместување на учениците. Постои и радио станица „Гласот на Православието“, која емитува програма, секој ден по 7 часа на француски и свахили. Милосрдната секција редовно ги посетува затворениците, болните, и на оние на кои им е потребна, им разделува помош.

 

Извор: Светигора