Празнување на споменот на св. Георгиј Софиски Најнов
 
 
 
 
 

Празнување на споменот на св. Георгиј Софиски Најнов (26.05.2012 13:25)

На 26 мај Бугарската Православна Црква го празнува споменот на еден од 9-те софиски светители – св. Георгиј Софиски, дополнително наречен Најнов. Вечерта, на 25 мај, во стариот градски храм „Св. Георгиј“ – Ротонда беше отслужена Вечерна во чест на маченикот, а денес, пак, таму се отслужи утрена и Божествена Литургија од Знеполскиот епископ Јован, викар на Софискиот Митрополит.

Според житието на новомаченикот, тој бил погребан во (поточно до) црквата „Св. Георгиј“ во Софија. И навистина пред неколку години таков гроб беше откриен на северната страна од олтарната апсида на стариот храм. Иако празен, има основа тој гроб да се смета за гроб на св. Георгиј Софиски Нојнов. Затоа, по иницијатива на свештеникот во Ротонда о. Јован Куков и со благослов на Софискиот Митрополит на гробот веќе има крст и спомен плоча во чест на светителот-новомаченик.

 

Житие

Георгиј се родил во Софија од познати родители, Иван и Марија. На негови 25 години, му умрел татко му. Бидејќи како млад маж се одликувал со огромна убавина и добродетелност, Турците сакале да го привлечат кон својата вера. Сепак, не можеле да го подлажат со лицемерната благост и затоа насила му ставиле чалма и го прогласиле за муслиман. Георгиј ја фрлил на земја чалмата што му ја наметнале и ја газел. Тогаш муслиманите го однеле кај кадијата (судијата) и таму го соблазнувале со висока служба, но тој бил тврд во својата вера. Затоа кадијата заповедал да му го дерат телото и на тие места да го горат со свеќи, така што телото на маченикот пламнало како факел, но тој не се потурчил. Судијата наредил да го обесат и три дена да виси на бесилката, за да гледаат христијаните кога ќе почне да се распаѓа телото. Георгиј умрел од раните пред да му го стават јажето, но Турците и мртов го качиле на бесилката, поставена на главниот плоштад, до печката за топење на железо и бакарна руда. Тоа се случило на 26 мај 1530 г. Мајка му трите дена седела под бесилката, прегрнувајќи ги нозете на маченикот, а неговото измачено тело наместо смрдеа, започнало да испушта благоухание. Телото му било симнато после три дена, опеано од епископот Еремиј и погребано во црквата „Св. вмч. Георгиј Победоносец“. Мајката починала на 40-от ден и била погребана до неговите нозе. Денес, не се знае каде се моштите.

 

Извор: Dveri.net