Во Чернобил канонизиран нов светител – протоереј Сергиј Бондаренко
 
 
 
 
 

Во Чернобил канонизиран нов светител – протоереј Сергиј Бондаренко (29.04.2012)

На 26 април, на денот на 26-годишнината од хаваријата во Чернобилската атомска централа, Чернобилскиот митрополит Павел, игумен на Киево-печерската лавра, го посети Чернобил, каде што отслужи Света Литургија во храмот на светиот пророк Илија во т.н. забранета зона. Потоа беше извршена официјална канонизација на протоереј Сергиј Бондаренко. Решението за прибројувањето на о. Сергиј Бондаренко кон соборот на светителите што се почитуваат во овој крај е донесено од Синодот на Украинската Православна Црква во јуни 2011 г. Житието на новиот светител беше прочитано од Митрополитот Пантелејмон, а присутните свештенослужители се поклонија на иконата на новопрославениот свештеномаченик Сергиј. Митрополитот Павел изрази голема радост дека оваа црковна заедница ќе има свој светител-покровител. Во словото украинскиот архиереј напомна и за подвигот на луѓето коишто го примија првиот удар на катастрофата во Чернобил, го жртвуваа својот живот за спасението на ближните. „Нема поголема љубов од таа да ја положиш душата за своите пријатели. Овие зборови се однесуваат на оние за чиешто упокоение во Бога се молиме особено многу денес. Меѓу нив можеби имало и неверни луѓе, но со својата саможртва тие ја исполнија главната заповед на љубовта и ние се надеваме дека Господ ќе им возврати за тој подвиг“, изјави Митрополитот Павел.

Свештеномаченикот Сергиј Бондаренко примил свештенички чин во Киево-печерската лавра во 1907 г. и бил испратен на служење во својот роден град Чернобил. Во 1933 г. бил уапсен поради лажно обвинение и три години одлежува неправедна казна затвор. После ослободувањето се враќа на свештеничкото служење во храмот на свети Илија во Чернобил. Верниците го сакале својот добар и ревносен пастир. Во 1997 г. атеистичката власт повторно го обвинила со нови обвиненија, едно од кои дека о. Сергиј се молел да не се затвораат православните цркви. Властите ветиле дека ќе го пуштат, ако на самиот празник Велигден им каже на верниците да не веруваат во Бога. На Пасха свештеникот се обратил кон својата паства со зборовите: „Христос воскресна!“ и ги осветил традиционалните пасхални лебови. После тоа бил уапсен. Го мачеле, за да се откаже од Бога. Отец Сергиј трпеливо ги поднесувал страдањата и бил стрелан на 21 август 1937 г. Чернобил ќе го празнува денот на неговиот спомен на овој датум. Местото на погребението на о. Сергиј не е познато.

Отец Сергиј Бондаренко е еден од многуте жртви на т.н. „безбожна петолетка“, објавена од Сталин за време на периодот од 1932-1937 г. Во овие години безбожната власт си постави за цел да го уништи христијанството во СССР и да го истреби православниот клир. За овој краток период Руската Православна Црква дава стотици илјади жртви.

Извор: Дверибг.нет