Поглаварите на помесните Цркви во посета на светињите на Кападокија
 
 
 
 
 

Поглаварите на помесните Цркви во посета на светињите на Кападокија (30.06.2010)

Во сабота, на 26 јуни, со Вечерна богослужба во црквата на светите Константин и Елена во градот Синосас, започна заедничкото поклоничко патување низ светињите во Кападокија, предводено од Неговата Светост Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Гости на поглаварот на Цариградската Црква беа Патријархот Александриски и на цела Африка Теодор, Архиепископот Атински и на цела Грција Ероним и, со благослов на Патријархот Московски и на цела Русија Кирил, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот Волоколамски Иларион. Освен свештенството на Руската и Грчката Црква, во богослужбата зедоа учество и потомци на жителите на Кападокија од Грција, како и монаси и монахињи од грчките манастири.

На крајот на Вечерната богослужба Патријархот Вартоломеј им се обрати на присутните со беседа во која рече: „Дојдовме во земјата Кападокија, лулката на мноштво светители, кои блескаат како ѕвезди небесни. За жал, пред неколку децении, поради преселувањето на христијанското население, овдешните храмови се пусти.“ Неговата Светост со задоволство истакна дека турските власти сега ги издаваат потребните дозволи за извршување на богослужби во кападокисите светињи.

За историските духовни врски меѓу Цариградската и Александриската Црква зборуваше Патријархот Теодор, а потоа поклониците продолжија со обиколката на светите места.

Во недела, на 27 јуни, архиереите отслужија Света Литургија во храмот на светите великомаченици Теодор Тирон и Теодор Стратилат во Малакопи, на која пееја монасите од светогорскиот манастир Ксенофонт.

После светата служба, Митрополитот Иларион им се обрати на поглаварите на Црквите, свештенството, монаштвото и верниот народ со зборовите: „Од името на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и од свое име, срдечно ве поздравувам сите вас кои се собравте во овој свет храм. За нас, членовите на Руската Православна Црква, Кападокија е света земја. Овде блеснаа великите Отци, столбови на Црквата и вселенски богослови – Василиј Велики, Григориј Богослов и Григориј Ниски. Тука, по пештерите и по бездните земни (Евр. 11, 38) се подвизуваа монаси и монахињи, тука е пролеана крв на маченици и исповедници.

Кападокија е многустрадална земја, за што сведочат нејзините храмови, некогаш величествени и прекрасни, а сега напуштени или срушени“.

„Се придружувам на повикот на Патријархот Вартоломеј“, рече понатаму Владиката Иларион. „Не заборавајте ја земјата на своите отци, помнете ги нив, пренесувајте ја љубовта кон нив на своите деца и внуци, и секогаш враќајте се тука.“

На собраниот народ се обрати и поглаварот на Грчката Црква, Архиепископот Иероним, а потоа Патријархот Вартоломеј отслужи помен за покој на душите на православните христијани кои некогаш живееле во Кападокија.

Наредниот ден, во понеделник на 28 јуни, после обиколката на повеќе светињи, меѓу кои и црквата на свети Јован Богослов од 9 век, црквата на великомаченик Димитриј и пештерските манастири во Кападокија, се заврши ова тридневно поклоничко патување.