Последното Божикно послание на патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II до архипастирите, <br/> монаштвото и сите верни чеда на Руската Православна Црква
 
 
 
 
 

Последното Божикно послание на патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II до архипастирите,
монаштвото и сите верни чеда на Руската Православна Црква
(10.01.2009)

Не многу пред своето упокојување Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј II го подготви Божикното послание.

 

 

Возљубени во Господ преосветени архипастири, чесно презвитерство и во Христа ѓаконство, богољубиви монаси, драги браќа и сестри – верни чеда на Црквата,

 

Повторно ја слушаме пофалната песна на Ангелите: „Слава на Бог во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14). Црквата Го пречекува на земјата Предвечниот Бог, Кој раѓајќи се во Витлеем од Секогашдева, стана Човек. По зборовите на Евангелието, Неговото доаѓање носи небесен мир на оние кои живеат на земјата. Се исполнува пророштвото на Псалмопевецот: „Господ ќе даде сила на Својот народ, Господ ќе го благослови со мир народот Свој“ (Пс. 28, 11).

Спасителот рече: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои“ (Јован 14, 27). Мирот даден од Бог и во Него воплотен, ги истребува гревовните страсти и светски неспокојства. Овој мир нема ништо заедничко со светското самоуспокојување, коешто ја ограничува човековата душа во рамките на земните интереси, тој ја вознесува кон наднебесното Царство Божјо, чијшто причесник веќе сега на земјата може да стане секој вистински христијанин. Свети Василиј Велики го нарече мирот даден од Бог најсовршен благослов, а преподобниот Серафим Саровски ни остави навистина златни, небесни зборови: Стекни смирен дух и илјада околу тебе ќе се спасат.

Воплотениот Бог Слово им го донесе мирот на сите што веруваат во Него и врват по Него носејќи го својот крст. Но, зошто наоколу како и порано има толку конфликти, расправии, караници и навреди? Зошто остануваат непријателства меѓу различни генерации, политички групи, богати и сиромашни? Зошто се разведуваат родителите принудувајќи ги децата да страдаат? Зошто народите, дури и православни, се креваат еден против друг?

Нема да можеме искрено и чесно да одговориме на ова прашање ако не погледнеме во длабочината на сопствените срца: зарем не живееме премногу често по своја волја, заборавајќи ја волјата Божја и Неговите заповеди, се потпираме само на човечките сили заборавајќи ја силата Божја? Зарем не го претпочитаме стремежот кон светот и гревовната суетна правда, која доведува само до разочарувачка празнина?

Да си спомнеме, драги мои, дека вистинскиот мир ни го дава само Господ. Само следејќи ја Витлеемската ѕвезда по патот Христов ние ќе најдеме долговремен и мирен живот на земјата и вечен мир во Неговото небесно Царство.

Да си спомнеме за тоа дека мирот Христов го победува непријателството на овој век, дека само стекнувајќи го овој мир во своето срце човекот може да издржи во сите животни бури и да носи помирување со блиски и далечни, преобразувајќи го животот со вера, правда, чистота и љубов. Сите нека нѐ обземе мирот Христов – нас, Неговите ученици и следбеници, луѓе со различна возраст, националност, политички ставови и социјални слоеви. Тој нека се простира и на луѓето од други вери и убедувања со коишто живееме.

Во светот е повторно немир. На многу места се пролева крв, страдаат луѓе. Но, ние веруваме дека Господ ќе ни помогне нам, православните христијани, со својот добар пример и дела да ги побудуваме народите кон мир, кон мудро и праведно разрешување на сите спорови и несогласувања.

Возљубени архипастири, драги отци, браќа и сестри!

По молитвите на Пресвета Богородица и на сите Светии Господ ја води Црквата по патот на спасението. Благодарејќи на многу напори ваши во измината година Он го сочува Својот народ несоборлив и „секој ден ја умножуваше Црквата со оние коишто сакаа да се спасат“ (Дела 2, 47). Со помошта Божја го извршував јас и моето патријаршиско служење. Пастироначалникот Христос ги укрепуваше моите сили во мојата молитва пред Него, ми даруваше радост од живото заедничарење со многумина од вас, ми даваше мудрост во разговорите со оние кои се на власт, со претставниците на разни земји и народи.

Во јуни 2008 година во Москва се одржа Светиот Архиерејски Собор кој прослави како општоцрковни Светители, многу почитувани во народот угодници Божји, разви социјално учење на нашата Црква и донесе одлуки за многу важни прашања од нејзиниот живот. Празнувавме 1020 години од покрстувањето на Русија, кога Господ нѐ удостои да го посетам стариот Киев – лулка на нашата Црква и една од духовните престолнини. Заедно со многу верни ние се молевме покрај киевските светињи, повторно чувствувајќи го силното единство на народите што се крстени во една купел. Ова единство што ни е заповедано од светите предци треба грижливо да го чуваме и предаваме на нашите потомци.

Во изминатата година се наполни 90 години од денот на подмолното убиство на царските маченици. А на денот на нивниот помен десетици илјади верни, доаѓајќи на местото на нивното страдање, бараа од нив помош за нашиот народ во неговото духовно обновување, за исправување на неговите историски патишта. Ќе бидеме цврсти во надежта дека Господ ќе нѐ удостои да ги надминеме сите последици од трагедиите, расправиите и престапите на 20. век, воздигнувајќи ја Светата Русија од сила во сила. Нека даде Господ да се исполнат зборовите на свети Јован Шангајски и Сан-Франциски кажани во тешката 1938 година: „Блажена си ти, земјо Руска, што се очистуваш во огнот на страданието! Ти помина низ водата на Крштението, сега поминуваш низ оган на страдањата, и ќе се успокоиш.“

На сите вас, драги мои, срдечно ви го честитам празникот на Раѓањето на Господ наш и Спасител! Раѓајќи се во Витлеем Богочовекот Христос нека ве благослови сите во претстојната година со мир, здравје и успех во секое добро дело. Во вашите домови, вашите земји, градови и населби нека ви донесе радост на животот во мир, љубов и Неговата правда. На овој свет празник ви се обраќам со зборовите на светиот апостол Павле: „И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2 Кор. 13, 11). Амин.

 

+Алексиј, Патријарх Московски и на цела Русија

Рождество Христово 2008/2009

Москва