Осветување на новиот фрескоживопис и на новата црковна трпезарија во село Раотинце – Тетовско
 
 
 
 
 

Осветување на новиот фрескоживопис и на новата црковна трпезарија во село Раотинце – Тетовско (15.07.2008)

На 12. 07. (сабота) 2008 лето Господово, на денот посветен во чест и спомен на светите апостоли Петар и Павле - Петровден, во тетовското село Раотинце, бише извршено осветување на новиот фрескоживопис, како и осветување на новата црковна трпезарија. Осветувањето го изврши надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а во сослужение на свештенослужителите од Тетовското архиерејско намесништво.

На самиот влез на ова древно светилиште од тетовското поселје, црквата на свети пророк Илија, гостољубивите Раотинчани својот возљубен Дедо Владика го пречекаа со шарена погача, на тој начин изразувајќи му традиционално гостопримство во нивното родно село. Од свое име, од името на црковниот одбор и од името на големиот број верници, пристигнати од сите тетовски краишта па и од Скопје, на својот почитуван епархиски Архиереј, топло добредојде му посака парохискиот свештеник отец Дарко Наумовски, кој во својата поздравна беседа меѓу другото рече:

„Ваше Високопреосвештенство, дозвлете да го изразам големото задоволство бидејќи денес нѐ почестивте со Вашето ценето присуство, за да извршите осветување на фрескоживописот во новоизградениот дел на нашата света црква, како и осветување на нашата нова црковна трпезарија, та таа да прерасне во уште поголем дом за молитва, во која Бог ќе го храни овој верен народ од ризницата на евангелската мудрост и ќе го напојува со жива вода, од неприсушниот извор на Божјата благодат.

Ваше Високопреосвештенство, во овие исклучутелни мигови, исполнети со духовна радост, Му благодариме на Бога, што Ве имаме Вас, како наш надлежен Епархиски Архиереј, кој остава длабоки и неизбришливи траги во животот на нашата Автокефална Црква и Богом Ви даруваната Полошко-кумановска Епархија“

Отпоздравувајќи на срдечниот пречек и искажаното големо почитување, во своето обраќање кон мноштвото присутни верници Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил рече:

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Нашиот богољубив македонски народ, опстојувајќи повеќе од 2000 години на просторот од библиска Македонија, никогаш, ништо не отпочнувал и не завршувал, а пред тоа да не го изобрази на своите гради чесниот крст. Крстот, знамето на нашата убава православна вера. Крстот, на кој заради нас и заради нашето спасение, по овоплотувањето на нашиот Спасителот Господ Исус Христос, со цел да ги прими гревовите на целото човештво, беше распнат. Но, бидејќи неправдата не можеше да ја задржи правдата, во темниот и ладен гроб во светиот Ерусалим, победи правдата над неправдата, животот над смртта, победи радоста над тагата.

Јас сум среќен што како ваш надлежен епархиски Архиереј, денес за прв пат се наоѓам во Вашата средина, за да споделам ретки и пријатни историски мигови. Велам за прв пат, бидејќи бев уште еднаш тука, но тогаш бевме со цел онака како што ни прилега, да испратиме еден наш упокоен брат, кој по примерот на голем број наши еднородни браќа и сестри Македонци и Македонки, особено од овие наши тетовски краишта, свиле нови огништа во космополитскиот град Тетово. Радосен сум што ми ја укажувате големата топлина, големата милост, со Вашиот вака импозантен пречек. Благодарам за искажаните вдахновени зборови, и синовски поздрави од името на сите Вас, а преку устата на Вашиот парохиски свештеник отецот Дарко.

 Нашите празнични христијански овогодишни чествувања и светодени, се надополнуваат драги браќа и сестри, со одбележувањето на 50 годишнината од обновувањето на Охридската Архиепископија, олицетворена во 1958 година во нашата самостојна Македонска православна црква. Кое обновување претставуваше предвесник, за точно, по Божјо провидение, после 200 години, во 1967 година, по примерот на староегипетската митолошка прикаска, дека од пепелта на птицата феникс повторно се раѓа истата, ние воскреснавме за нов, потполно слободен црковен и духовен живот. За да може нашиот богољубив христијански народ, по примерот на сите други христијански народи, да ѝ се радува на духовната слобода.

Ако ланската година, нашите празнични чествувања беа исполнети со содржини по однос автокефалноста и нејзините берикетни плодови, оваа година, исто така, сме исполнети со таа радост, по повод одбележувањето на 50 годишнината.

Вчера и денес, нашите благородни македонски души и срца, беа исполнети и остануваат да бидат исполнети со една посебна радост. Зошто? Затоа што од многубројните неправди, кои што му се нанесени на македонскиот народ и на нашата Света Црква, во нашето повеќе од многустолетно и многуилјадно опстојување, на овие од Бога благословени простори, победи уште една правда над неправдата. Од заточеништво, после три и пол години, во кое беше еден од ретките доблесни македонски синови, еден од ретките бранители, во време на наметнатата валкана војна, на овие македонски простори, та Господ сполај Му Нему, помогна, ги услиша нашите принесувани молитви, да добие ослободителна пресуда, беше ослободен нашиот брат Љубе Бошкоски. Но, останаа нашите срца да бидат ожалостени, заради тоа што сметаме дека неправедно му беше изречена 12-годишна пресуда, на уште еден од ретките доблесни бранители, од редовите на македонскиот род, во лицето на нашиот брат во Господа Јохан Тарчуловски. Тие беа должни, бидејќи тоа е и заветна обврска, да го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет на својата татковина, честа, гордоста и достоинството на својот народ и на својата Света Црква. Но, ќе повторам, да веруваме дека Господ ќе ни помогне, и врховните апостоли чиј празничен ден го чествуваме, на коишто ќе им се помолиме, и тој да ја добие заслужената правда, за и ние уште еднаш да се зарадуваме на победата на правдата над неправдата.

Раѓала Македонија, македонските од Бога благословени мајчински утроби, доблесни македонски синови! Македонија ќе продолжи да раѓа такви синови и ќерки! Кои ќе умеат достојно да ја бранат честа и достоинството, суверенитетот и интегритетот на татковината и автокефалниот статус на нашата родна мајка Светоклиментова Македонска Православна Црква.

Спомнав раните, крсните распнувања, искушенијата низ кои што минуваше нашиот благороден македонски народ, за жал сѐ уште продолжуваат. Раните коишто се нанесени на сеопштиот македонски организам од некои наши соседи, се многу длабоки и сѐ уште незалечени. Оваа година ќе се сретнеме на молитвено заупокоено бдеење, но и со радосни содржини, по повод одбележувањето 60-годишнината од злосторничкиот егзодус извршен на илјадници еднородни македонски дечиња, од егејскиот дел на Македонија. На 18-ти, 19-ти, 20-ти и 21-ви овој месец ќе отпочнат манифестациите во спомен на тој непријатен настан, кога требаше да бидат откопачени од своите вековни татковски и мајчински огништа, на просторот од беломорска Македонија.

Драги браќа и сестри во Господа, Вие сте навистина строители на неколку Божји храмови, во ова подшарпланинско бисерно македонско село, коешто светлозрачи со својот блесок, како еден брилјантен камен, поставен, нанижѓан за навек, на сеопштиот македонски државотворен организам. И драго ми е, за тоа што денес ќе бидам учесник во радоста по повод осветувањето на новоизградениот дел од црквата посветена во чест и слава на големиот пророк Илија. Среќен сум што ќе бидам учесник во осветувањето на трпезаријата. Ќе осветиме и поголем број прекрасни икони, кои што ги зедоа претставниците од црковниот одбор од нашата свеќоливница.

Утре во Галичник ќе се одржува традиционалната Галичка свадба. Јас сум бил присутен на тие ретки свечености, сум влегол во повеќе домови на наши луѓе, и верувајте нема куќа, во којашто не е изградена и капеличка и каде што немаат по неколку икони, кои што ги предаваат во наследство од поколение на поколение. Затоа, иконите кои што Ви се донесени, претставуваат нешто бесцено, што ќе треба да го внесете во вашите христијански домови. Не треба ниту едно христијанско семејство да остане, а во својот христијански дом да не си внесе осветена икона. Светителите чиишто ликови се прикажани на иконите ќе бидат постојани молитвеници пред престолот на Севишниот Господ Бог и ќе Ја молат Пресвета Богородица, вечно да ве чува под Нејзиниот свет спасоносен омофор. Во христијанските домови каде што е внесено нешто свето, како икона, крст или парченциња од владичка кошула кога извршуваме големо осветување и евангелисување на црква, нема дејство на сотоната, којшто постојано демне и луѓето сака да ги усмерува на лоши патишта.

Да даде Господ, преку молитвите на светите апостоли Петар и Павле, преку молитвите на светиот пророк Илија, преку молитвите на преподобната мајка Параскева, бидејќи и таа е Ваша закрилница, и светата великомаченица Недела, што почесто, што побројно, во овие новоизградени простори да се собирате за венчавки, што повеќе за крштевки и да се множи нашиот сехристијански македонски род. Да создаваме, да градиме, да ја разубавуваме родната и мила татковина Р. Македоноија. Да се трудиме, час поскоро, да ја претвориме во цветна рајска градина.

Нашите претшественици, нашите стари не биле многу учени, но по Божјо вдахновение, Господ ќе им соопштел некоја убава порака – мисла. Та, во однос на рожбите велеле: „Две дечиеа се малку, три не се многу, а четири се доста“. Дај Боже така да биде! Пораките од Дедо Владика да допрат до младите брачни парови. Господ нека Ви дарува прекрасни дечиња – ангелчиња. Зашто сѐ друго што создаваме, ако нема на кого да го предадеме, губи секаква вредност.

Божјиот благослов нека се излее над сите вас, во вашите домови, и во нив да пребива во сите денови од Вашиот живот. Амин!“

 

Навистина, само Севишниот Господ Бог би можел да ја измери радоста на жителите на село Раотинце, поради тоа што на Петровден, на денот кога го прославува 40-годишниот јубилеј како Архиереј во редовите на Македонската Православна Црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил благоволи, таа своја радост да ја сподели со жителите на ова убаво тетовски село. Не изостана ниту еден миг, а верници да не посакаат да го овековечат овој светоден и средбата си Дедо Владика преку заедничка фотографија, посебно најмладите. А се разменија и пригодни подароци, во знак на големата и взаемна љубов и почит во Господа Исуса Христа.

По повод осветувањето на новиот фрескоживопис и новата црковна трпезарија, од страна на црковниот одбор од село Раотинце, за сите присутни верници беше приредена богата братска и сестринска трпеза на љубовта. Празнувањата по тој повод продолжија и до доцните попладневни часови, со настапот на членовите од КУД „Извор“ од с. Јегуновце и неколку музички групи.

Тетовското село Раотинце се наоѓа во подножјето - на западната падина од планината Жеден, и е распространето на двата брега од течението на реката Вардар. Во него уште од минатото се познати неколку православни светилишта. Ова македонско православно село, заедно со црквата на свети пророк Илија, во историските споменици за првпат се спомнува уште во 1461 година.

 

          

 

                                       

 

           

 

                                                                                                                      

 

 

 

 

 

 

 

 

 

            

                                        

 

Подготвил:

                         свештеник Жарко Мицковски, професор