Во Неделата на Православието, се упокои во Господа Митрополитот Лавр
 
 
 
 
 

Во Неделата на Православието, се упокои во Господа Митрополитот Лавр (17.03.2008)

Вчера, на 16 март 2008 година, на денот кога Црквата ја празнува Победата на Православието, во Џорданвил (Jordanville, NY), се упокои во Господа Митрополитот Источно-Американски и Њујоршки Лавр, поглавар на Руската Задгранична Црква.
Роден е на 1 јануари 1928 година во Ладомирово, денешна Словачка. Стапува во манастирот посветен на преподобен Јов Почаевски, во родното место, на своја 11-годишна возраст, од каде што во 1946-та година е евакуиран во САД, во градот Џорданвил, Њујорк, каде што бил основан новиот Свето-Троицки манастир, духовен центар на Руската Задгранична Црква.
За епископ е хиротонисан на 13 август 1967. За Архиепископ е востоличен во 1981 година а на 10 јули 2000 година е избран за заменик на Поглаварот на Руската Задгранична Црква.
На Соборот во октомври 2001 година е избран за Поглавар на РПЗЦ
  и за митрополит Источно-американски и Њујоршки.
На 17 мај минатата година, во храмот на Христос Спасителот во Москва, е потпишан „Актот за канонско единство“ и Руската Задгранична Црква официјално се обедини со Руската Православна Црква. Со тоа се стави крај на разделеноста на Руската Црква.
Погребот на Митрополитот Лавр е планиран да се изврши на 21 март 2008.

Бог да го прости и нека му е вечен споменот!

 

Извор: Mospat.ru