Вселенската патријаршија нема да има потешкотии повторно да го призне Рим за прв престол
 
 
 
 
 

Вселенската патријаршија нема да има потешкотии повторно да го призне Рим за прв престол (28.11.2007)

1. Ваше Светост, најнапред би сакал да Ви се заблагодарам, бидејќи ја прифативте поканата да ни дадете интервју специјално за Бугарската национална телевизија и емисијата „Вера и општество“...

 

Би сакал да ја изразам радоста и благодарноста на Бугарската национална телевизија, која ми овозможи да се обратам на благочестивиот и возљубен бугарски народ. Повторно ја посетувам Бугарија и таа посета за мене е извор на исклучителна радост и задоволство, земајќи ги предвид односите, кои што постојат меѓу вашата држава и Вселенската патријаршија, и особено меѓу Бугарската Православна Црква и Цариградската Црква - мајка. Сакам да ја изразам својата радост поради враќањето на бугарските медицински сестри од Либија – нешто, за што вложи напор и Вселенската патријаршија. Јас лично за време на мојата посета на Либија, и подоцна, испратив едно писмо од Фанар до либиските власти. Не знам дали ова помогна, но знам дека Франција најмногу допринесе за ослободувањето на бугарските медицински сестри, и како што цела Бугарија и бугарски народ се зарадуваа, така и нашата радост се присоедини на вашите чувства, за секогаш да има мир и соработка, љубов и благоденствие.

 

2. Во средата од оваа седмица, Ваша Светост, беше донесен извесен таен документ, составен во октoмври во Равена од Мешаната католичко-православна богословска комисија, определен како „патна карта“ за обединувањето на двете Цркви. Тој документ безпоговорно го признава првенството на Римскиот папа над останатите поглавари на христијанските цркви, нарекувајќи го „прв меѓу патријарсите“, а Рим – „првопрестолнина“. И тоа е неспорен услов за обединувањето меѓу католиците и православните. Сметате ли, дека православниот свет е спремен да ја плати цената во името на единството и дали тоа нема да доведе до нова конфронтација меѓу Православните Цркви?

 

Не постои некаков таен документ. За текстот, составен од Мешаната комисија за дијалог меѓу Католичката и Православната Црква во Равена во почетокот на октомври, досега имаше ембарго. Но таа дата помина, текстот им е достапен на сите, и оние што ќе го прочитаат внимателно ќе видат дека во него нема ништо сомнително, ништо за обвинување. Сите ние, православните – зашто во овој дијалог не учествуваше само Вселенската патријаршија, но и сите православни – го споделуваме мислењето, дека во првото илјадалетие од постоењето на Црквата, кога таа била една, постоел примат (првенство – бел. авт.)  на Римскиот епископ, на папата. Но, тоа е првенство по чест и љубов, а не првенство на јурисдикција над целата христијанска Црква. Со други зборови, како што нѐ учи богословието, тоа е првенство на човечкото право, создадено од потребата на Црквата да има една глава и еден координативен центар. Римската црква е позната по првенството на христијанската љубов, но не и по некакво првенство на Божествено право, дадено одозгора од Бога и Христос на свети апостол Петар, кое од него било предадено на сите понатамошни римски епископи и кое предвидува јурисдикција над целиот христијански свет. Вакво првенство православниот Исток никогаш не признал. Во оваа фаза од богословскиот дијалог меѓу Православието и Католицизмот се разгледуваше прашањето за еклисиологијата (учењето на Црквата), кое полека води кон разгледување на прашањето за местото на Римскиот папа во структурата на целата христијанска Црква – какви се неговото место, неговата власт, надлежности. Ние, православните, како што спомнав, рековме, дека сме подготвени да го признаеме првенството на Рим во смисла, во којашто тоа е толкувано и применувано во периодот на едната христијанска Црква, во првото илјадалетие после Христа. Овластените и од двете страни богослови, било тоа епископи, духовници или светски богослови, го разгледуваат оваа прашање од минатата година, кога во Белград се одржа првата средба на Комисијата за меѓуцрковен дијалог, после 5-годишен прекин. Овој дијалог беше продолжен во почетокот на октомври во Равена и ќе продолжи наредната година, кога ќе успееме со Божја помош и просветление да дојдеме до едно прифатливо за сите толкување на првенсвото. Сѐуште имаме долг пат пред себе. Но, нема ништо тајно, што би ги обеспокојувало верниците, сѐ е откирено, сите учесници во дијалогот се избрани и овластени од нивните Цркви. Во овој дијалог беше претставувана и БПЦ, но ми се чини, дека овој пат нејзините претставници не можеа да дојдат во Равена. Во принцип, целото Православие учествува во овој дијалог и се надеваме дека ќе имаме добри резултати, кои, секако, нема да ги сменат основата на учењето и дејствувањето на едната Црква. 

 

3. Сепак, Ваша Светост, дали сите Православни Цркви ќе ја прифатат оваа формулација за првенството на папата. Тоа не ли ја нарушува историската вистина, дека првата Црква, основана од нашиот Господ Исус Христос, е Ерусалимската патријаршија? Вселенската патријаршија исто така има првенствено место во Православието.

 

Именувањето на Ерусалимската Црква како мајка на сите Цркви е поетски израз, кој се употребува, за да се потсетуваме дека корените на христијанството водат од Светата земја, каде што Господ се родил, страдал и бил распнат за нас и воскреснал. При развојот на христијанската Црква во наредните векови, како што реков, се востановува едно првенство на Римскиот епископ, а после расколот (разделувањето на Источната и Западната црква во 1054 г.) – и на Цариградскиот епископ, првенство кое без проблеми се прифаќа и од Ерусалимската Црква. Што се однесува до Вселенската патријаршија, пред расколот Црквата го признала првенството на Римскиот епископ како прв трон на едната христијанска Црква. Цариградската Црква е втората и т.н. После расколот тоа првенство на тронот се префрла на Цариградскиот вселенски трон и се користи во целото второ илјадалетие после Христа. Во православна смисла и толкување, Цариград е координативен центар на целото Православие заради единството на Православието и истовремено го координира дијалогот со останатите неправославни цркви во наше време, свикува општоправославни собори, кои се под претседателство на Вселеснкиот патријарх или некој негов претставник. Со други зборови, тоа е една институција со првенство, неопходно за функционирање на целата Православна Црква. Ако, и кога со Божја помош ќе се договориме со Католичката црква, односно околу значењето на поимот „првенство“, каков што тој бил во првото илјадалетие, Вселенската патријаршија нема да има потешкотии повторно да го призне Рим за прв престол и да го земе второто место, коешто го имала пред расколот.

 

4. Сега Вселенската патријаршија се наоѓа во земјата, во која христијаните се малцинство. Лесно ли се одржува Православието во таква земја, имајќи го предвид тоа дека ова лето Врховниот суд на Турција пресуди дека Цариградскиот патријарх нема право да ја носи древната титула „Вселенски“?

 

Во првиот дел на вашето прашање, ќе ви го кажам следното – дрско звучи на прв поглед: подобро е што се наоѓаме во земја, каде што Православието е малцинство, во Турција, зашто ако бевме во друга земја, Цариградската Црква – Црквата на првиот престол на христијанството, ќе беше изложена на опасноста да се претвори во национална црква. А сега таа е наднационална и има вселенски карактер, што ја издига над националните поделби. Тоа е Црква во служба на сите. Како што знаете, Цариградската Црква не е само координативен центар на целото Православие; во нејзиното крило, под нејзина јурисдикција денес има Грци, Украинци, Французи, Корејци, Фламанци и секакви други националности, кои буквално ја претвораат во Вселенска Црква, а не само според нејзината историска титула. Професор Христос Јанарас од Атина во една од многуте свои мудри книги пишува дека за Цариградската Црква е привилегија да се наоѓа на територијата на неправославна држава, меѓу туѓа религија, зашто оттаму може подобро да се покаже нејзиниот вселенски карактер. Што се однесува до решението на судот, судот во Анкара одлучи дека не постои јурисдикциска основа за користење на поимот „вселенски“. Јас сметам, дека се работи за внатрешни прашања на Православната Црква или на христијанството, што немаат однос со светските судови. Турција е светска држава – постои поделба меѓу религијата и световната власт. Нашите црковни прашања се одредени со светите канони и од преданието на Црквата, утврдени со векови. Титулата „Вселенски“ за Цариградската Црква се исползува без прекин од 4 век па наваму – во византиската епоха, Османлиската империја и Турската република. Сите мои претходници без исклучок ја носеле таа титула. Таа не е измислена за мене, го нагласувам тоа, зашто во последните години во Турција се подига голема врева околу титулата „вселенски“, како да таа е измислена од мене. Јас сум ја наследил, таа е наследувана со векови и тоа ќе продолжи довека. Сите христијански цркви ја признаваат нашата Патријаршија како Вселенска. И не само сите христијански цркви, туку и нехристијанските муслимански држави; со државниците со кои имам кореспонденција, сите тие ми се обраќаат со титулата „Вселенски патријарх“. И други турски автори и новинари велат: тоа за христијанството е внатрешно прашање и ние не сме компетентни да определуваме дали патријархот е вселенски или не. Самиот премиер на државата г. Ердоган направи смела изјава дека кога Мухамед освојувачот одел во Цариград, тој ја нарекувал патријаршијата како „Вселенска“, бидејќи имал самодоверба и не се плашел. И г. Ердоган додава: и ние имаме самодоверба и немаме проблем. Т.е. прашањето произлезе од бирократијата, од некои одредени фактори во Турција, но тоа не претставува проблем, ние продолжуваме да ја употребуваме таа титула, не можеме да се откажеме од таа титула што историски ни припаѓа. Како што реков, Патријаршијата довека ќе продолжи да биде „Вселенска“. И тоа може некому да не му се допаѓа, но е од полза за мнозина.

 

5. Под духовно раководство на Вашата Светост се и Бугарите во Истанбул. Во вашата делегација е вклучен г. Димитар Атанасов, цариградски Бугарин и архонт на Вселенската Патријаршија. Истовремено друг претставник на заедницата води предмет против Вас, обвинувајќи ве, дека се мешате во автономијата на Бугарската православна заедница и сакате да ја погрчите. Какви се односите на Вселенската патријаршија со нашите православни сонародници во Истанбул?

 

Бугарската заедница во Цариград е еден возљубен дел од паствата на Вселенскиот патријарх. Како што во Цариград имаме Руси и Романци под духовно раководство на патријархот, така имаме и бугарска заедница. По завршувањето на бугарскиот раскол во 1945 г., беше потпишан договор меѓу Цариградската и Бугарската Црква, во која изричито се вели дека Бугарите, кои живеат во Цариград и воопшто во Турција, – зашто има макар и малку на број Бугари во Одрин – сите се во епархијата и под духовно раководство на Вселенскиот патријарх. И Бугарската Црква немаше никакви потешкотии да го прифати и да го почитува овој договор од 1945 г. А кога еден бугарски епископ или клирик треба да дојде во Цариград, за да служи на бугарски јазик пред бугарската заедница, како што неодамна беше главниот секретар на Светиот Синод – епископот Наум, Неговата Светост патријархот Максим секогаш испраќа до мене писмо и бара одобрение за тоа. Што се однесува до конкретното лице (Божидар Чипов) кој ѝ припаѓа на бугарската заедница и кој води борба против Црквата мајка – Цариградската патријаршија, тоа е во надлежност на турското правосудство. Но во турските судови неодамна загубија сите водени предмети за титулата „вселенски“. Делото е завршено. И минатата недела, кога служев во храмот на свети Јован Рилски во Истанбул (на Бугарската егзархија) овој господин присуствуваше. И во мојата проповед кон многубројната паства, јас му дадов соодветен одговор, велејќи му дека турското правосудство му даде одговори, дека напорите му се напразни и дека не треба да ги заборави црковните епитимии. Црквата пројавува трпение, но светите канони предвидуваат казна за лицата, кои се бунтуваат против неа и кога ќе дојде моментот, Црквата нема да се поколеба да ги наложи тие епитимии на конкретното лице, или на група луѓе. Како што и неодамна се случи: Светиот Синод на Патријаршијата наложи казна „отлачување“ на двајца православни Грци заради нивно антицрковно однесување.

 

6. Сакам да ви поставам прашање за еден проблем, обвиткан со доста нејаснотии. Ваша Светост, дали сте ја дале титулата „архонт“ на бугарскиот европратеник Слави Бинев, зошто...

 

Го разбрав прашањето... (продолжува малку изиритиран) Тоа прашање ми го поставија уште при пристигањето на аеродромот. Се прашувам, зошто се крева толкава врева и постои толкаво љубопитство околу тоа прашање. Кога нашата Патријаршија ќе смета за неопходно, таа го дава тоа почесно одликување и почесна должност, како што направи со г. Атанасов, виден член на бугарската заедница во Цариград, кој е член на мојата делегација. Вселенската патријаршија дава такви одликувања и на Грци, и на православни кои не се со грчко потекло. Во Америка, на пример, има Руси, на кои сум им дал такво почесно одликување „архонт“. За конкретното лице, за кое ме прашувате, знам, дека е европратеник, сум го сретнал лани летото на Литургија во една црква на Принцовите острови на о. Халки. Но, инаку не сум контактирал со него, ниту пак одржувам кореспонденција и врски со него. Сум го видел само еднаш. Немам никави односи со него, и повторувам: зошто толку често ми се поставува тоа прашање и пројавувате настојчивост за него и вие, и другите новинари... Уште еднаш многу ви благодарам за ова интервју. И користам прилика да ги пратам благословите и добрите желби на Цариградската Црква мајка и Вселенска патријаршија кон благочестивиот и возљубен бугарски народ, кој од сето срце сакам да го поздравам со присоединувањето на државата кон Европската унија од 1 јануари 2007 година, кон европското семејство. Ви посакувам тоа присоединување да биде забележано со поголем напредок, стабилност, мир и благоденствие за државата и вашиот народ. И освен благословите на Цариградската Црква мајка ви ги испраќам на сите моите љубов, грижа, добри желби и благослови.

 

Јас исто така ви благодарам за ова специјално интервју, Ваша Светост...

 

Извор: Дверибг.нет