Света маченичка Параскева Икониска
 
 
 
 
 

Света маченичка Параскева Икониска (10.11.2007)

Кога настанало гонење на христијаните во времето на царот Диоклецијан, Параскева била изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја прашал за името, таа му рекла дека името ѝ е христијанка. Кнезот ја укорил зошто не си го кажала своето обично име. А Параскева му рекла: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“.

        Очигледно, на светите луѓе добро им е позната скалата на вредности и приоритети и нив не може да им се случи, како на некои, да ја заменат славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, односно не може да им се случи етнофилетизмот да го стават пред љубовта кон Бог и кон секој човек и пред единството на Црквата. Во тие некои спаѓаат и „свештените лица“ кои изјавуваат: Македонија е грчка... и нејзините делови кои недостасуваат треба да ѝ се вратат. Со ваква непромислена и демонска изјава тие „свештени лица“ алудираат на територијата на Република Македонија, но и на делови од Македонија што сега се наоѓаат во Бугарија и Албанија и се обидуваат до бескрај да ја искомплицираат и така сложената ситуација помеѓу двете Цркви и двете држави.

        Навистина е лошо кога е некој емотивно и мислено растргнат помеѓу античките богови и Богочовекот Христос, помеѓу грчките антички градови-држави и античката глобална државна сила Македонија, а особено е лошо и шизофренично кога со сето тоа погоре наброено, како придојден а не како староседелец, нема никаква врска. Навистина многу е лошо фрустрацијата од неприпадноста кон една култура и народ да ја лечиш и докажуваш во Црквата. Вештачки создадена нација, составена од Македонци, Власи, Албанци, еден милион Роми, Турци и други малоазиски народи (кои кога во 1921 година беа донесени во Грција воопшто не зборуваа грчки), лечејќи ги своите фрустрации на неправилен начин, создава вештачки проблеми во Црквата.

       Еве што за таквите некои вели македонскиот апостол Павле, што е и општо познато:

      „Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек... Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега“ (Рим. 1, 21-28).

 

(коментар од редакцијата на сајтот на МПЦ)