Архиепископот на Чешка и Словачка г. Христофор во прва официјална посета на Руската Православна Црква
 
 
 
 
 

Архиепископот на Чешка и Словачка г. Христофор во прва официјална посета на Руската Православна Црква (04.02.2007)

Блажениот Митрополит Христофор за првпат после својот избор официјално ја посети Руската Православна Црква од 25 до 29 јануари. На 26 јануари имаше средба со Неговата Светост Рускиот Патријарх Алексиј II во патријаршиската резиденција во московскиот манастир на свети Даниил. На средбата г. Христофор подвлече дека „сите православни во Чешка и Словачка ја чувствуваат Руската Православна Црква како своја духовна Мајка“.

Вечерта, Митрополитот Христофор го посети Архиепископот Оломоуцко-Брненски Симеон, кој се наоѓа на лечење во централната клиничка болница на Московската Патријаршија „Свети Алексиј“.

 

 

            

 

 

Во саботата, на 27 јануари, Неговото Блаженство ја посети Сергеевата лавра на Света Троица, каде што своевремено прими монашки потстриг, како и Московската Духовна Академија, чијшто воспитаник е. Истиот ден Митрополитот Христофор чиноначалствуваше со сеноќното бдение во соборниот храм на Лаврата, посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Во неделата, на 28 јануари, Патријархот Алексиј и Митрополитот Христофор сослужуваа на Божествена Литургија во храмот на Христос Спасителот. По завршувањето на Литургијата и празничната трпеза, Неговата Светост Алексиј го награди г. Христофор со орден на преподобниот Сергеј Радоњежски од I степен.

Вечерта, Митрополитот Христофор го посети храмот на свети Николај во Котељники, кој е московски метох на Православната Црква на Чешка и Словачка, и тука отслужи Молебен на светите маченици Вјачеслав и Људмила, а потоа ја отвори изложбата на црковна уметност „Теофанија“, организирана од настојателот на метохот, протоереј Алексиј Јушченко.

 

Во понеделникот, на 29 јануари, Неговото Блаженство Христофор зеде учество на свеченото отворање на XV Меѓународни Божикни образовни читања, во Кремљ.

Во своето поздравно слово, г. Христофор меѓу другото забележа дека опасноста од глобализацијата се состои во тоа што таа ја носи со себе агресивната навала на таканаречената идеологија на „постхристијанското општество“. Таа идеологија се заканува не само со уништување на националните култури туку и со многу кризи, меѓу кои и еколошките и социјалните.

Митрополитот Христофор рече дека во Чешка Законот Божји се предава не само во црковните неделни училишта туку, по желба на родителите, и во државните училишта. Во Словачка, пак, веронауката е законодавно внесена во државните образовни институции како факултативна настава и е финансирана со буџетски средства.

 

Владиката Христофор напомна дека и пред својот избор, како епархиски архиереј, повеќепати учествувал на овој црковно-општествен форум и, заблагодарувајќи му се на патријархот Алексиј за поканата, ја изрази надежта дека братските односи меѓу двете Цркви ќе се зајакнуваат и понатаму.

 

Известува: Patriarhia.ru