Пролог: Преподобен Георгиј Карслидис
 

 

Житие: Преподобен Георгиј Карслидис

Календар, житија, пости
Почеток
 
Преподобен Георгиј (со крштелно име Атанасиј) се родил во 1901 година, во понтиското село Аргируполис, Mала Азија, во семејство на благочестиви родители, но рано останал сирак. Го нарекувале дете-старец и од рана возраст ја пројавил својата љубов кон Бог. Уште на детска возраст, со само девет години, Георгиј стапил во манастирот „Живоносен извор“, крај Т’билиси, и таму израснал под покровителство на игуменот архимандрит Георгиј. Во 1919 година бил пострижен за монах со името Симеон. За време на комунистичкото гонење против Црквата, бил уапсен заедно со другите монаси од манастирот и бил осуден на стрелање, кое требало да се изврши точно на денот на Христовото Воскресение. Групата маченици биле врзани еден за друг на работ на длабока јама и биле стрелани. Три куршуми го погодиле телото на монахот Симеон, а оној што одел кон срцето рикошетирал од опковот на иконата што тој секогаш ја носел со себе. Заедно со сите стрелани и тој паднал во јамата. И покрај многуте рани, останал жив, бидејќи го покриле телата на другите осуденици. После ослободувањето од затвор бил пострижен во голема схима со името Георгиј, а во 1925 година бил ракоположен за ѓакон и презвитер, наспроти својата рана возраст. Потоа живеел во Сухуми, Ерменија, а во 1929 година се преселил во Грција и се населил во селото Сипса, недалеку од Драма. Таму основал манастир посветен на Вознесението Господово и бил негов игумен до крајот на својот живот. Старецот служел Света Литургија секој ден. Многу луѓе оделе при него за да добијат духовен совет и утеха. Преподобен Георгиј се претставил во 1959 година.