Божествена Литургија во Водоча (10.06.2025 15:57)
Денес, на празникот на Слегувањето на Светиот Дух (трет ден), Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
На Литургијата Владиката се обрати со следните зборови:
„Во последно време сѐ нешто се чудам како некои луѓе, и после толку многу пишување и објаснување, не сфаќаат што е разликата меѓу барањето само човечка правда и барањето најпрво на Божјата правда. Не се чудам на оние што се надвор од Црквата – тие и така се идолопоклоници, туку на мои блиски луѓе. А убаво сум напишал: ’Откако ќе ја воспоставиме својата духовна состојба, согласно Божјата волја, дури тогаш можеме да побараме и спроведеме човечка правда, но во зависност од нашата позиција во општеството и во Црквата’. Не знам што не е јасно овде?
Значи, не ја отфрламе човечката правда, туку најпрво сме должни, како христијани, да ја побараме Божјата правда; затоа што, откако ќе го воспоставиме Божествениот мир во нашите мисли и кога ќе ја воспоставиме аскетската љубов во нашите чувства, тогаш ако така налага ситуацијата, ќе ја спроведеме и човечката правда, но во зависност од местото и улогата што ги имаме во општеството. Многу е погрешно да бараме човечка правда со нервоза, гнев, омраза, одмаздољубивост и слично, затоа што тогаш тежиштето или фокусот од сторената неправда ќе се префрли на нарушените меѓусебни односи и никаква правда никогаш нема да се воспостави, ако луѓето не се покаат. Ако така налага ситуацијата, значи дека некогаш и ќе претрпиме неправда и нема да бараме човечка правда, затоа што тоа е добро за наше духовно растење. Истото го вели и светиот Апостол Павле: „Зошто порадо не претрпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата? Но вие сами ги повредувате и наштетувате, и тоа браќата свои“ (1 Кор. 6, 7).
Некогаш и ќе побараме човечка правда, преку надлежните институции, и тоа најчесто кога е во прашање и заштитата на нашите ближни, т.е. некој повисок интерес. Исто така, некогаш ќе бидеме во позиција сами да спроведуваме некаква Божја или човечка правда, а некогаш ќе треба да се обратиме пред надлежните институции. Но, запаметете добро, човечка правда нема или, подобро кажано, ја има само толку колку да функционира овој свет. Овој свет е повеќе заснован на контрола отколку на правда; и сѐ повеќе ќе биде заснован на контрола. За оние што размислуваат – доволно.
Што е барање Божја правда? Ние – христијаните, немаме друг критериум за праведност освен Богочовекот Христос. Штом некој ни стори неправда, ние, во тој момент, почнуваме да се проверуваме себеси дали во дадената ситуација сме слични со Христос или не сме. Дали нашите мисли, чувства, зборови и постапки се согласни со Божјата волја или не се. Ако не се, а сигурно дека нема да бидат, тогаш сме виновни пред Христос и треба да се обидеме, преку методот на ’Петте контролни точки‘, т.е. преку практично покајание, да си ги донесеме нашата душевна и духовна состојба во ред. Сѐ прифаќаме како Божји дар, Му благодариме на Бог за неправдата, вината ја пронаоѓаме во себеси – поради несличноста со Христос, не покажуваме надворешно што ни се случува и продолжуваме со молитвата да ја градиме нашата заедница со Бог и со ближниот што нѐ онеправдува. Само на овој начин можеме да бидеме подобни на нашиот Господ. Секое друго однесување, од претходно опишаново, не е православна духовност, туку душевна простотија. Има уште многу што да се објаснува, но тука само ќе потсетам дека нашите срца работат како примопредаватели на информации и ние ништо не можеме да сокриеме од другите, а тие ќе реагираат согласно информацијата што им ја испраќаме – добро или лошо. И не ми е јасно, како воопшто некој може да живее со тој демонски терет – на барање човечка правда и непростување, наместо во мирот, радоста и светлината на Божјата љубов – која ги покрива недостатоците на нашите ближни. Само човечка правда бараат идолопоклониците, а тоа е и демоноопседнатост. Господ Исус Христос, да нѐ чува сите – од самите себе“.