Недела на слепиот
 
 
 
 
 

Недела на слепиот (23.05.2020 17:09)

Реков во минатата беседа дека, покрај темнината на одрекувањето од овој свет, постојат и други филтер-темнини, кои оној што се одлучува за монашки подвиг треба да ги помине, за да излезе на светлината што ја носи духовниот развој на просветлувањето на умот, со дарот на умно-срдечната молитва.

Интересно е прашањето: на кој степен од духовниот развој се наоѓаат оние кои доаѓаат во манастир за да Му го посветат својот живот на Бог и оние кои веќе станале монаси?

Во моето дваесет и пет годишно искуство како духовен раководител, а и пред тоа, имам видено сѐ и сешто, било да се работи за монаси под мое духовно раководство, било под раководство на други. Имам видено и гледам монаси и искушеници на степените од душевното разболување (на пример, „инсолација“, етнофилетизам, партизација и др.) – но, поретко; имам видено и гледам монаси и искушеници на првиот степен од духовниот развој – најчесто; и имам видено и гледам просветлени и обожени монаси – некои од нив и веќе прогласени светители на Православната Црква.

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен (Марко 10, 29–30). Затоа и најчесто монасите – со чист христијански идентитет, ги наоѓаме на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите. Ова духовно ниво монасите го имаат како дар од Бог. И, доколку не успеат, на млади години, да ги поминат останатите филтер-темнини, сепак, повеќето од монасите на крајот од својот живот ќе ја добијат утехата на просветлувањето на умот, со дарот на умно-срдечната молитва. Зависи од животот.

Кои се тие филтер-темнини што монасите треба да ги пробијат за да ја достигнат светлината на просветлениот ум – со дарот на умно-срдечната молитва, без која никој не може да се нарече вистински монах?

Прво, мора сериозно да го сфатат подвигот на послушание, односно подвигот на ставање на умот во процес на исцеление. За ова имам многу пишувано, но во конкретниот случај само би нагласил дека кон овој подвиг монасите најчесто пристапуваат со најдобра намера и тоа е она што ги одржува безбедни во манастирот; иако не сите ја сфаќаат големината на овој подвиг.

Второ, монахот мора да го краси подвигот на постојано држење на умот во зборовите на молитвата. Како е можно да покажеш дека го сакаш дарот на умно-срдечната молитва, а посебно дарот на непрестајната умно-срдечна молитва, ако постојано не го враќаш умот во зборовите на молитвата, која исто така, се трудиш постојано да ја кажуваш; ако треба и усно?

Трето, и главно – за мене, е подвигот на екстремно туѓинување. Убаво си пишува таму: кој остави..., а не – кој не остави... Значи, ветувањето дека ќе добијат стократно повеќе, уште во овој живот, важи само за оние што оставиле. Модерниот монах сака да ги има сите средства за комуникација и информирање, сака сѐ да знае, сака сите да го знаат и сака да биде монах. Едноставно, тоа не е возможно.

Четврто, и главно – за Светиот Дух, е подвигот на заземање и седнување на последното место. Последното место е исто што и местото на срцето. Тоа е подвигот и дарот на Богородица. И кој тоа може да го опише?

Затоа, модерниот монах најчесто останува на првиот степен од духовниот развој, а утехата на просветлувањето ја добива пред упокојувањето. Тоа е. Некој треба и манастирите да ги одржува. Фала на Бог! Просветлувањето на умот со дарот на умно-срдечната молитва, во мое време – на Света Гора, го достигнуваше, отприлика, еден од десет. И сега е отприлика така. Фала на Бог! Обожените ги има, ама се анонимни. Фала на Богородица!

Зошто овие духовни достигнувања најчесто ги поврзуваме со манастир, а не со брак? Не дека не се возможни големи достигнувања и во брак, но мислам дека многу е битно и прашањето дали некој дознава за монашки подвиг пред брак или откако влегол во брак. Причините се, значи, едноставни и практични, секој со својот избор го одредува и својот дострел – при подеднакви почетни можности.

И Самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, откако ги намачка со кал очите на слепиот од раѓање – откако го подготви, го насочи кон бањата Силоам – кон место на очистување, за да прогледа таму и за да се јават делата Божји врз него на тоа место, а не на некое друго. А и слепиот, се смири, послуша и отиде на посоченото место од Господ, како што и денес мнозина млади одат во манастирите – како духовни чистилишта, посочени од духовните отци на Црквата, по претходна подготовка.

Христос Воскресе!

Митрополит Струмички Наум