Свесност
 
 
 
 
 

Свесност (14.03.2020 18:03)

Деца, доколку веруваме и знаеме дека ние сме никој и немаме ништо, а дека Господ Исус Христос ни е сѐ – и што сме и што имаме, тогаш свесноста за оваа наша состојба можеме да ја покажеме единствено со подвигот на постојано собирање и држење на умот во зборовите на молитвата, односно со концентрација на Неговото име во молитвата.

Нема друг начин, освен овој подвиг, да покажеме дека сме свесни дека Господ Христос ни е сѐ – и покајание, и сострадална болка, и божествена љубов при молитвата, а дека ние немаме ништо и сме ништо. Плод на собраноста на умот во молитвата, со таа свесност, е дарот на солзите.

Што точно значи ова што ви го кажав, само молитвата може да ви покаже.

Затоа, и свети Григориј Палама нѐ поттикнува во подвигот на молитвата како единствен учител на молитвата. Колку сме никој и ништо, можеме да видиме само молитвено стоејќи пред Богочовекот Исус Христос и Неговата Мајка. Но, исто така, и колку сме сакани...

(дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум)