Фејсбук православие
 
 
 
 
 

Фејсбук православие (07.03.2020 18:03)

Православната вера се прославува единствено со правилен живот. Нема православна вера каде што нема правилен духовен живот. Што многумина христијани, вообичаено, превидуваат? Не го восогласуваат начинот на својот живот со степенот на духовниот раст* на кој се наоѓаат. Таму каде што не постои оваа восогласеност нема ни православен живот, ни православна вера, туку ерес во пракса, камуфлирана во православие.

На пример, оној кој нема барем просветлување на умот не може јавно да се занимава со световни теми, а никако, пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи гревови и слично, а сложени теолошки теми се: ерес, раскол, екуменизам, свети канони, календар... Ве молам, деца, сфатете веќе еднаш, кога немате просветлен ум, секоја тема што е надвор од вас е веќе сложена тема, и ако се занимавате со неа, вие, очигледно, не сте го восогласиле начинот на вашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓате, односно не сте посветени внатрешно на очистување на срцето од страстите, во послушание, смирение и анонимност.

Просветлен ум има само оној кој е носител на дарот на умно-срдечната молитва – од која и произлегува просветленоста. Секоја друга „просветленост“ е демонска. Демонската просветленост произлегува од начитаност, од висока позиција, од човечка слава, од умисленост, од богатство итн.

(дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум)

_____________________________

* Според Светите отци, степенот на духовен раст се одредува според квалитетот на молитвата. Оној што молитвата ја кажува усно или внатрешно во умот, се наоѓа на првиот степен – очистување на срцето од страстите. Оној што молитвата ја кажува со умот во срцето, се наоѓа на вториот степен – просветлување на умот. Оној, пак, чија молитва непрестајно и благодатно тече поттикната од Светиот Дух Господ во срцето, се наоѓа на степен на обожение.