Закхеј
 
 
 
 
 

Закхеј (20.01.2018 10:05)

Еве еден вечно жив и актуелен евангелски пример како човек, иако имајќи само почетна и несовршена вера, од преголема желба и копнеж да Го види Господ или да провери дали е Он, може да се откаже од својата човечка слава, знаејќи дека со својата постапка ќе изгледа смешен, или дури и споулавен, во очите на целата јавност (види: Лука 19, 1–10). Колкумина од нас се навистина подготвени да се откажат од своето славољубие, од својата лажна слава, и колкумина од нас се подготвени да изгледаат бедно и да служат за потсмев заради Господ и заради можната средба со Него; макар и оддалеку, не знаејќи или само надевајќи се дека потоа ќе треба и во својот дом да Го примат? Тоа е она salto mortale на „стариот човек“, коешто малкумина се подготвени да го направат, со надеж дека, сепак, на крајот раката Господова нежно ќе ги прифати. Мислам дека началникот на митарите, богатиот Закхеј, токму на тоа се надевал и токму така се чувствувал трчајќи напред и качувајќи се на смоквата. Но, тоа секако нема да остане незабележано и невозвратено од Оној Кој сè гледа и Кој ги познава срцата на сите, Богочовекот Христос:

            „Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: ’Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.‘“ Господ му се обраќа на Закхеј по име и го открива неговиот копнеж исто како и на Натанаил, кому му рече дека го виде уште додека беше под смоквата. И исто како и Натанаил – кој веднаш сфати дека е истиот Оној кон Кого беа тогаш упатени неговите молитви со овој Исус, Кој сега пред него стои – така и Закхеј, сега, качен на смоквата, сфаќа дека неговото срце, односно неговото име и личност со сите тајни мисли и желби, како и копнежот да Го прими во својот дом, се откриени пред овој Исус, Кој навистина, како што и претходно беше слушал, не може да биде никој друг освен Самиот Господ, Кој сè знае; никој друг освен Помазаникот Божји, освен Синот на Благословениот.

            „И тој веднаш слезе“ – знаејќи веќе преку својата засилена и оправдана вера многу добро и Кој го повикува и Кого треба да прими во својот дом – „и Го прими со радост“. И се радуваше многу поради тоа, како што човек може да се радува на првата благодат.

            „И сите [кои високо мислат за себе и кои од завист судат и осудуваат], кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: ’Отиде во куќата на грешен човек‘.“

            Но Закхеј, со своето вистинско, делотворно покајание, го оправда присуството на Богочовекот Христос во својот дом: „А Закхеј застана и Му рече на Господ: ’Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам‘“. Во тој момент Закхеј доволно се ослободува и од страста среброљубие и постапува како оној на кого Господ му вели: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). И навистина, токму тоа и се случува – Закхеј го раздава речиси (ако не и) целиот свој имот и го добива сокровиштето на небото. Ослободувајќи се во доволна мера од страста славољубие и во доволна мера од страста среброљубие, човек вообичаено во доволна мера се ослободува и од страста сластољубие: „Но давајте милостиња според своите сили, тогаш сè во вас ќе биде чисто“ (Лука 11, 41). Ова е опис на состојбата на срце доволно очистено од страстите.

            Спасението е секогаш поврзано со отворањето на срцето, со актуализацијата на благодатта на Крштението и со просветлувањето на умот – би рекол и со умно-срдечната молитва – макар и во последните моменти од нашиот живот. Така јас ги разбирам Господовите, односно Исусовите зборови со коишто Тој ги оправда постапките на Закхеј и ја потврди неговата нова духовна состојба – просветлување: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов [поинаку речено, зашто и тој е од оние коишто го наследуваат Царството Небесно], оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“.

            Еве и уште една потврда за понатамошниот правилен подвиг и духовен развој на Закхеј од неговото житие: „Светиот апостол Закхеј најпрво беше цариник и грешник, но кога Господ го виде качен на дрво во Ерихон заради Него, влезе во неговиот дом, а ова го приведе Закхеј кон покајание. Подоцна тој го придружуваше светиот апостол Петар, кој го постави за епископ на Кесарија Палестинска, каде што верно му послужи на Евангелието и мирно се упокои“.

Митрополит Струмички Наум