Должностите на монасите
 
 
 
 
 

Должностите на монасите (28.01.2017 17:00)

Ви имам нагласено и другпат дека не можеме ние, т.н. христијани, само да чекаме некој да ни побара помош, па дури тогаш да размислуваме како и дали сакаме да му помогнеме, туку должни сме сами да ги побараме луѓето што страдаат и да им помогнеме! Немилосрдноста и непружањето конкретна помош е антихристијанство, антисведоштво. За превенција на оваа појава најодговорни се епископите на Црквата.

Не можеме да се правиме глуви и слепи, и да не помагаме, кога Богочовекот Христос со Свои зборови точно ни има кажано во Евангелието каде да Го најдеме: „Гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте; необлечен бев, и Ме облековте; болен бев, и Ме посетивте; во затвор бев, и дојдовте при Мене. (...) Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 35–36; 40). Живееш во светот и велиш дека вистински Го бараш Христос – ете каде Е!

Најотворено ви кажав, и пред две недели, што мислам и како верувам: доколку помеѓу две причестувања со Крвта и Телото Христови не сме пронашле и доколку  конкретно не сме им помогнале на страдалниците со кои Христос се поистоветува, воопшто да не пристапуваме за причест. Ова важи за секој православен христијанин, без оглед на обврските и позицијата што ја има во Црквата (Епископ, презвитер итн.). На Страшниот Христов Суд нема да бидеме прашани за ништо друго, освен за она што Богочовекот ни го посочува – дали Му помогнавме Нему, во ликот на секој страдалник.

Оваа Божја заповед се должни да ја исполнуваат и монасите, но во зависност од степенот на духовниот раст на кој се наоѓаат.

Општожителните монаси, за кои е карактеристичен првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, и чија молитва е само усна (наглас или со шепот) или умствена (во себе), должни се најпрво да го бараат местото на срцето, за откако некогаш го најдат, таму да Го нахранат, напојат, облечат, примат и да Го посетат Богочовекот Христос – Кој таму се наоѓа преку благодатта на Крштението; во меѓувреме, треба да им помогнат, во рамките на своите можности, на сите оние што духовно и телесно страдаат.

Општожителните манастири тоа го прават со организирање богослужби, со прием на гости, со манастирски трпези, со поучни четива на нивните Фб и веб-страници, со љубовно однесување, со исповед, со благослов за Причест и со организирање други активности, како и јавни повици, за помош на оние што страдаат.

Скитските монаси (мали, доста затворени заедници), за кои е карактеристичен вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот преку аскетската умно-срдечна молитва, должни се, главно, молитвено да се грижат за Богочовекот Христос во своето срце, и тоа по повеќе часови дневно. Тие се молат во своето срце и за сите луѓе (без оглед на нивната верска или национална припадност), со тоа што своето здравје и својот живот Му го нудат на Бог за утеха и спасение на сите што страдаат.

Што да кажеме за еремитите (пустиножителите – по начин на живот, не толку  по место на живеење), кои се на третиот степен од духовниот развој – обожение со непрестајна умно-срдечна молитва, кои исто така, достигнуваат и до грабнување на умот и гледање на несоздадената светлина? Единствено поради нив сѐ уште постои овој свет и Црквата во него – и поради никој друг.

Пресвета Богородице, спаси нѐ нас, кои мислиме дека нешто правиме!

Митрополит Струмички Наум