Христијанство на дело
 
 
 
 
 

Христијанство на дело (14.01.2017 17:00)

Во беседата од пред две недели „Како правилно да бдееме – и над себе“, нагласив три духовни вистини: прво, без конкретно милосрдие кон страдалниците не само што напразно одиме во црква, туку не можеме ни христијани да се наречеме, односно – нема ли конкретно милосрдие – нема христијанство во пракса; второ, ако нема конкретно смирение – нема христијанство во пракса; и трето, нема ли барем внатрешен плач и солзи поради нашата отпаднатост од Бог – исто така, нема христијанство во пракса! Да ги дообјасниме поконкретно овие неколку неразделни вистини.

Ви имам нагласено и другпат дека не можеме ние, т.н. христијани, само да чекаме некој да ни побара помош, па дури тогаш да размислуваме како и дали сакаме да му помогнеме, туку должни сме сами да ги побараме луѓето што страдаат и да им помогнеме! Не можеме да се правиме глуви и слепи и да не помагаме, кога Богочовекот Христос со Свои зборови точно ни има кажано во Евангелието каде да Го најдеме: „Гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте; необлечен бев, и Ме облековте; болен бев, и Ме посетивте; во затвор бев, и дојдовте при Мене. (...) Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 35–36; 40). Живееш во светот и велиш дека вистински Го бараш Христос – ете каде Е!

Или, ако речеме: никој не ни побарал помош, Евангелието нѐ разобличува – Самиот Господ Исус Христос постојано ни ја бара. Најбитно за нас, т.н. христијани, е сознанието дека Господ се поистоветува само со страдалниците. Ако ние им помагаме – добро за нас; ако не – Тој нема ништо со нас. Ние, на почетокот, можеме да бидеме само слуги на оние со кои Тој се поистоветува. Така, на пример, да не се лажеме со некакво христијанство ако ние дома седиме на топло и имаме сѐ што сакаме да јадеме, додека некој се смрзнува и гладува, и одвај преживува, а ние со прст не мрднуваме за да му помогнеме. Тоа е антихристијанство.

Најотворено ви кажувам што мислам и како верувам: доколку помеѓу две причестувања со Крвта и Телото Христови не сме пронашле и не сме му помогнале некому (на Христос), односно ако конкретно не сострадуваме со страдалниците, воопшто да не пристапуваме за причест. Ова важи за ситни дела на милосрдие. За големи дела има друго правило. Секој од нас може барем со нешто да помогне, оправдување нема. И битно е, ако може, да не знае никој за помошта. На Страшниот Христов Суд нема да бидеме прашани за ништо друго, освен за она што Богочовекот ни го посочува – дали Му помогнавме Нему, во ликот на секој страдалник.

Само ако постапуваме како слуги на оние со кои Христос се поистоветува, само тогаш можеме да си го пронајдеме своето место – како најпоследни од сите, како непотребни слуги (бидејќи не стигнуваме да помогнеме доволно). Само како слуги на оние што страдаат можеме да го стекнеме своето конкретно смирение. А кога на овој конкретен начин ќе се пронајдеме себеси и своето место во Божјата Промисла, тогаш ќе го добиеме и дарот на покајните солзи, а во Божјите очи ќе заличиме на практични христијани. Не во своите очи.

Вистински христијани се само оние што се гонети заради Богочовекот Христос, а истовремено и ги љубат своите непријатели; кои се барем на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот и се носители на дарот на умно-срдечната молитва.  Дотогаш да се обидеме барем да не се умислуваме дека сме не знам какво свештенство и не знам какви христијани – да не изигруваме нешто што не сме. Затоа што нема ли барем практично христијанство – нема Причест, нема ништо. Затоа што: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа, и Мене не сте Ми го направиле“. Ако сакате да се лажеме, јас не сакам. Толку.

Пресвета Богородице спаси нѐ, нас умислените и изгубените!

Митрополит Струмички Наум