Неблагодарност
 
 
 
 
 

Неблагодарност (08.10.2016 21:15)

„Зашто секому што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној што нема, ќе се одземе и она што го има“ (Матеј 25, 29–30). Ајде да ја разгледаме посебно темата за видот и карактерот на луѓето што „немаат“. Еве што мислам дека ни кажува Господ за таквите луѓе посебно во Црквата и општо. Чујте го описот на тажната реалност од која сите страдаме.

            Страстите, посебно за човечка слава, власт и пари, се тие што прават човекот, нивниот заробеник, сето она што го „има“ да го користи само за свои потреби, а воопшто да не мисли и  да не им помага на оние што немаат и што страдаат, и кои прават сè што ужива и поседува да му изгледа малку. Оној што „нема“ е всушност оној што не Му благодари на Бог за сѐ; оној што нема заедница со Него – иако тврди или изгледа дека верува во Него.

Таква е болната природа на страстите што произлегуваат од самољубието: тие постојано бараат ново и поголемо задоволување, а после секое задоволување оставаат уште поголема потреба и уште поголема празнина во душата и разумот на човекот што ги задоволува. Затоа самољубивиот и покрај амбициозноста и алчноста никогаш нема да има, а секогаш ќе им завидува на тие што се во Бог и што затоа имаат во Бог, на Бог-атите.

Страстите, кога не се преобразуваат, може само да се потиснуваат една со друга – во зависност од ситуацијата. На пример, понекогаш стравот од човечките закони и судови на тој што „нема“ му ги потиснува амбициозноста и алчноста, а понекогаш кога не се плаши и мисли дека е сигурен, алчноста и амбициозноста ги остварува на дело. Токму тогаш и остава најмногу гревовни траги што не остануваат незабележани.

Целиот живот на самољубивиот човек се претвора, од една страна, во параноја (сомнеж и страв) – дека некој ќе му ја одземе човечката власт и слава, и стекнатиот имот (ама не сфаќа дека Бог е тој што допушта да му се одземат), а од друга страна, ја користи секоја можност и начин да приграби уште поголема човечка власт и слава, како и поголема имотна сигурност – без оглед дали и колку луѓе ќе страдаат поради тоа. Бесчувствителноста е главен показател за растројството на неговата личност.

Проекцијата, односно препознавањето и припишувањето на своите страсти во другиот, е карактеристика на неговиот однос кон луѓето, и затоа не е способен да создаде личносен однос со ближниот свој, туку само однос заснован на интерес – што трае сѐ додека трае и самиот интерес. Нема способност да препознае дека другиот му помагал без интерес, ниту има чувство на благодарност поради тоа. Затоа и не гради вистинско пријателство со никој.

Чудна е леснотијата со која самољубивиот ги изневерува своите „пријатели“ кога нема веќе да му бидат потребни, кога ќе западнат во неволји што и самиот него го оптоваруваат или кога ќе го надвладее сомнежот кон нив, како и леснотијата со која тој ги уништува своите „непријатели“ кога ќе стекне над нив реална власт и можност за тоа. Таквото однесување го изместува од центарот на одлучувањето, го маргинализира или го отфрла од заедницата.

Во својата параноја и сомничавост да не изгуби нешто, таквиот не верува никому – ни на оние што во животот му помогнале, а со својата преголема амбициозност за власт го плаши и го дистанцира од себе секој нормален човек. Никој не се потпира на човек што не верува во него и што му врши притисок кон грев. И, вообичаено, на крај нема кој да го спаси од неволјата што со неговиот начин на живот секако го снаоѓа.

Оние што сѐ уште веруваат дека доброто ќе преовладее во него изнаоѓаат најразлични начини благо да му ја пренесат пораката која е, нормално, спротивна на неговите големи идеи и потреби за самиот себе, како и на неговите планови. Затоа често биваат отфрлени, па дури и сметани за непријатели. Самољубивиот човек толку се поистоветува со своите желби и замисли што ако му ги одбиеш, смета дека него го одбиваш и го мразиш.

 Но, и добронамерните не се веќе тоа ако јасно и за последен пат не му укажат каде и како греши, кога веќе ги поминува границите на нормалното – особено ако е на голема штета на целата Црква. Исто така, не се добронамерни ако не ја остават својата рака испружена и отворена за помош на таквиот, ако се покае.  

Така, Господ секому му остава знаци и време за покајание (преумување), и потоа одеднаш сè се губи, а на крајот и самото време дарувано за покајание. Господи, помилуј...!

 

Митрополит Струмички Наум