Богородица
 
 
 
 
 

Богородица (27.08.2016 18:30)

Она нѐ научи што е (Кој Е) смислата на нашиот живот. Она нѐ научи што е (Кој Е) вистинска вера. Она нѐ научи што е (Кој Е) апсолутно послушание. Она нѐ научи што е (Кој Е) одрекување од овој свет. Она нѐ научи што е (Кој Е) крајно туѓинување. Она нѐ научи што е (Кој Е) небесно смирение. Она нѐ научи што е (Кој Е) непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва. Она нѐ научи што е (Кој Е) љубов. Она нѐ научи што е (Кој Е) совршена заедница со Бог.

Она е совршен сад на Божјото Предание. Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух. Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. Она пострада неволно под Крстот, како никој од човечкиот род – кога било. Она, од сите нас, прва воскресна. Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото. Преку Неа го добиваме секој дар Божји. Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива. Она е Црквородица. Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца. Она е нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија.

Она не е божица, Она е нешто попрекрасно и позначајно за нас. Она е Богородица, а јас, како да ти објаснам за Неа, драг читателе, кога тие зборови ги нема.

Подобро да го оставам свети Григориј Палама да ни говори за Неа и Нејзиниот молитвен подвиг: „Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон божествените откровенија, избор на ’подобриот дел‘. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку кое тој би можел да се соедини со Бог.

Пресветата Дева, престојувајќи во храмот... со внимание и во непрестајна божествена молитва, Таа целата Своја стана и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам ’молчание на умот‘. И предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, којашто никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание – својствено за непорочните души и умови.

Бидејќи причесна на ова (бого)созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот. (...) Таа токму затоа – не знаејќи за маж – и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос“. 

Верувам дека сега во потполност го сфативте она што го реков во мојата прва беседа: учењето за умно-срдечната молитва не е просто еден дел од севкупното свето Предание, тоа е самата срж на светото Предание на Православната Црква.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум