Светите Отци за трите степени на молитвата (прв дел)
 
 
 
 
 

Светите Отци за трите степени на молитвата (прв дел) (13.08.2016 19:51)

Додека го пишував мојот докторски труд „Исихазмот во светогорското монаштво од 20 век“, читајќи, наидов на едно огромно богатство од светоотечки сведоштва за трите степени на молитвениот подвиг. Тоа ми беше потребно за историскиот дел од трудот, зашто делата на светогорските отци веќе ми беа познати. Многумина од нив и лично ги запознав, а со некои и сум разговарал, па дури и сè уште контактираме.

На ваше барање, ќе се обидам накратко да ја доловам самата суштина на начелното светоотечко црковно Предание за умно-срдечната молитва во редовите што понатаму ќе следат – па ако треба и поделено, во два-три дела по малку.

Ова, посебно што Преданието на православната теологија и молитва, запамтете добро, не се две одвоени области, туку само една, и тоа достапна за секој христијанин, без оглед на неговото културно или интелектуално ниво. Во Православното Предание нема место за елитизам и гностицизам – откриено е и достапно за секој кој сака.

Прво, ќе ви претставам два цитати кои со различни зборови изразуваат еден и ист светоотечки опит на умно-срдечната молитва. Свети Василиј Велики (330 – 379) вели: „Умот што преку сетилата не се расејува по светот успева да се врати кон самиот себе... Умот што не се расејува кон надвор се враќа кон самиот себе, и преку себеси се искачува кон Бог, како по пат на кој не постои опасност од прелест“.

Исто, но со други зборови, вели и светогорецот свети Григориј Палама (1296 – 1359): „Кога ќе го оддалечиш својот ум од секакво расудување, макар тоа било и добро, и кога целиот ќе го собереш во него самиот, достигнувајќи го тоа по пат на упорна восредоточеност и непрестајна молитва, тогаш, на тој начин, и ти ќе влезеш во божествениот спокој и ќе се здобиеш со благословот на седмиот ден, престојувајќи во самосозерцание и низ самосозерцанието вознесувајќи се кон богосозерцание“.

Според евангелското учење на Црквата, односно според православната црковна антропологија на светите Отци, суштината на умот се наоѓа во срцето како духовен центар на човекот, а енергијата на умот преку нашите сетила се расејува по светот. Насочувањето на енергијата на умот кон светот се нарекува секундарна функција на умот, односно разум. Потребно е, значи, да ја активираме примарната функција на умот, односно да ја пренасочиме единствената енергија на умот од надвор кон неговата суштина во срцето, а преку неговата суштина таа енергија да се насочи кон Бог – Кој е присутен во срцето преку благодатта на  Крштението.

Со ова непрелестно кружно движење се остварува соединување и општење со несоздадената енергија Божја, а на тој начин и преобразување на севкупниот наш ум. Со преобразувањето на умот истовремено се преобразува и обожува и нашата душа и нашето тело, та на крај, и со своите телесни очи да можеме да ја видиме и несоздадената енергија Божја како Божествена светлина и слава – во нас и во сѐ создадено околу нас.

Учењето за умно-срдечната молитва, очигледно, не е просто еден дел од севкупното свето Предание, тоа е самата срж на светото Предание на Православната Црква.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, и прими нѐ и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум