Параноја или метаноја – прашањето е сега
 
 
 
 
 

Параноја или метаноја – прашањето е сега (12.02.2016 10:14)

Зашто секому што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној што нема, ќе се одземе и она што го има. Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ (види: Матеј 25, 29–30). Чудни Господови зборови, а сите би си помислиле дека е поинаку дека на оној што нема, треба да му се даде. Чујте сега што точно сака да ни каже Господ:

Оној што има и кому ќе му се додаде и повеќе добро и ќе му се преумножи (и духовно, а по потреба и материјално), е оној што Му благодари на Бог за сè, без разлика дали тоа што се случува или тоа што го добива во моментот изгледа добро или лошо, малку или многу. Таквиот е милостив кон оние што страдаат и таквиот сè свое, па и самиот себе и своето постоење ги принесува на Бог и на ближниот во Единствената Божествена Литургија (Евхаристија, Благодарење) за живот на светот (Јован 6, 51). Но, тие што имаат не ни се тема сега, туку тие што „немаат“.

Оној што „нема“ и кому ќе му се одземе и она што (мисли дека) го има, е оној што не Му благодари на Бог за сè што Он му дал – дури смета и дека не му е доволно дадено, и тоа е оној што живее себично, односно не му помага на својот ближен со тоа што го има.

            Оној што „нема“ и кому ќе му се одземе и тоа што мисли дека го има, е оној што живее во согласност со своите страсти – славољубие, среброљубие и сластољубие. Страстите за власт, пари и телесни наслади се тие што прават човекот, нивниот заробеник, сето она што го ужива и поседува да го користи само за свои потреби (самољубие), а не да му помогне на оној што страда; и кои прават сè што ужива и поседува да му изгледа малку. Зашто таква е самата природа на страстите: тие постојано бараат ново и поголемо задоволување, а после секое задоволување оставаат уште поголема потреба и уште поголема празнина во душата на човекот што ги задоволува.

            Целиот живот на самољубивиот човек се претвора, од една страна, во мрачна параноја – дека некој ќе му ја одземе човечката власт и слава и стекнатиот имот, како и пари (ама кој да му каже дека Бог е тој што одзема, а не човек), а од друга страна, ја демне и најмалата можност за да се дограби до уште поголема човечка власт и слава, како и поголем имот и финансиска сигурност – без оглед на начинот на кој тоа ќе го постигне. Тоа е човек без вистински пријатели: во својата параноја (страв) и сомничавост да не изгуби нешто, природно, не верува никому, а со својата преголема алчност, амбициозност и склоност кон завери и борба за власт го плаши и го одбива од себе секој нормален што од некакви причини се потпрел или побарал помош од него. Никогаш нема мир за душа со таква шизофренија на разумот.

            Нормално, некогаш паранојата (стравот) му ги потиснуваат амбициозноста и алчноста, а некогаш, кога не е исплашен, му се зголемуваат алчноста и амбициозноста, со уште поголема жар. Страстите само се потиснуваат една со друга во него – не се преобразуваат. Како и да е, проекцијата, односно препознавањето на своите страсти во другиот, во „непријателот“ и „пријателот“, е карактеристика на неговиот однос кон луѓето, и затоа не е способен да создаде личносен однос со ближниот свој, туку само однос заснован на интереси – кој трае сѐ додека траат и самите интереси. Чудна е леснотијата со која таквиот човек ги изневерува своите „пријатели“ кога веќе нема да му бидат потребни или кога ќе западнат во неволји кои и самиот него го оптоваруваат. И чудна е леснотијата со која тој ги уништува своите „непријатели“ кога над нив има реална власт.

Таквиот човек никако не успева да препознае кои му се вистински пријатели. Неговите пријатели изнаоѓаат најразлични начини да му ја пренесат нежно пораката која е, нормално, спротивна на неговите големи идеи за самиот себе и на неговата амбициозност, и затоа често биваат отфрлени, па дури и сметани за непријатели. Но, и пријателите не се веќе пријатели ако јасно не му укажат на таквиот дека греши, кога веќе ги поминува сите граници на нормалното – особено ако е на голема штета на целата Црква. Исто така, не се пријатели ако не ја остават својата рака испружена и отворена за помош секогаш кога ќе му затреба.  

            Секако, Господ секому од нас остава време за покајание (metanoia/μετάνοια – преумување), и потоа сè се одзема, а на крајот и самото време дарувано за покајание. Господи, помилуј...!

Митрополит Струмички Наум