Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (05.10.2015 11:13)

Слово за оние што сѐ уште се колебаат да влезат во послушание

 

 

Деца, бидете искрени кон самите себе и, внимателно, со самопреиспитување прочитајте да видите што вам не ви е јасно во врска со основниот подвиг во Црквата – послушанието кон духовниот отец, односно ставањето на умот во процес на исцеление, како и што најмногу ве збунува во врска со ова. Преиспитајте се внимателно, затоа што без доброволно да го ставиме умот во процес на исцеление (смирение), во прелест сме ако мислиме за себе дека сме на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите, односно дека сме го напуштиле противприродниот начин на живот.

Да почнеме вака: од една страна, на сите ни е јасна и неспорна Христовата заповед – „Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил” (Лука 10, 16). Како и: „Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен“ (Мт. 10, 33). И гледаме дека Богочовекот Христос непослушанието го изедначува со одрекување од Него.

Од друга страна, очигледната неподготвеност на поголемиот дел од свештенството за опитно духовно раководство (оти „тесен е патот“) како да ни дава основа за самооправдување − да не ја послушаме оваа заповед на Богочовекот Исус Христос. Односно, таквата состојба нѐ наведува на една збунетост, како и во расцеп на личноста: хиерархиски и административно да мораме надворешно да го слушаме конкретниот клир, а внатрешно постојано да го осудуваме.

Како да ја надминеме оваа шизофренија? Во една реченица ќе ви кажам за што се работи: Бог не постави вечни и свети луѓе (апостоли, епископи, старци и духовници), кои духовно ќе нѐ раководат овде – во овој свет и век, туку Бог во и преку Својот единороден Син Богочовекот Исус Христос ни даде сила и ни остави и постави вечни критериуми по кои самите ќе се раководиме. Со други зборови, апсолутно целата одговорност за нашиот љубовен однос кон Него, Бог ја префрла на нас без да ни остави и најмал простор за самооправдување. На овој начин Бог апсолутно ја сочува нашата лична слобода, но и лична одговорност, а со тоа апсолутно ја сочува и неусловеноста на нашата љубов и личен однос со Него. Еден од тие основни критериуми (како што видовме погоре) е и послушанието кон духовниот отец на почетокот од православниот духовен живот.

Оној што има опит на послушание сепак знае дека послушанието кон духовниот отец, иако надворешно изгледа како послушание кон човек, во суштина е само однос на вера и доверба во Бог. Ова е клучен момент во подвигот на послушанието, кој не смее да се превиди! Откако слободно и доброволно ќе избереме свој духовен отец (без разлика дали од брачното или од безбрачното свештенство), со целосрдечното послушание кон него, ние, всушност, на дело ги покажуваме и својата вера и доверба во Бог – во Неговата љубов и промисла за наше спасение, а не толку во конкретниот човек.

Видете колку јасно го објаснува ова Старец Софрониј (Сахаров): „Сè зависи од нашиот однос со Бог. Ако имаме доверба во Неговата промисла, ќе најдеме сила да го следиме словото на нашиот духовен отец. Логиката што му е својствена на секојдневниот живот и на нашите размислувања не е доволна. Наспроти тоа, она што ни се чини совршено во нашата логика, многупати не е ништо друго туку отсјај на нашата огревовена волја, така што Бог нема да е со нас. Нема големо значење ако некое слово на духовниот отец е против нас или ако некој совет ни се чини неразумен според општата логика. Ако сме подготвени да го следиме словото, советите, ако имаме доверба во него, тогаш Бог ќе ги нареди работите, така што исходот ќе биде позитивен. Тајната на послушанието е една од посериозните стварности на патот кон спасението!“

Оваа антиномичност во подвигот на послушанието − наизглед слушаш човек, а всушност слушаш Бог, може да е несфатлива само за безверниците. Ова го потврдува и светиот Старец Јосиф Спилеот кога вели: „Дури и ако заповедта на Старецот е погрешна, Бог поради послушанието ќе ја претвори во духовна полза. Ако некој е послушен, па дури и заповедта да е лоша, сè ќе излезе на добро само поради послушанието. Нема никакво значење кој е Старецот што ја издава заповедта. Каква полза имаше Јуда од тоа што Старец му беше Самиот Христос? Никаква“.

Што конкретно ова значи? Како што и погоре реков, значи дека нашиот подвиг да стапиме во единство и личносна заедница со Бог е секогаш личен и независен од кој било човек, освен од самите нас. Ако духовниот отец е свет, тоа е многу добро, но таман работа ако Преданието на духовниот живот во Православната Црква зависеше само од светоста на духовните отци – апокалипсата ќе беше одамна завршена.

Чујте што вели свети Јован Златоуст за истото: „Ако ти веруваш во свештеникот − повод за разочарување се наоѓа не малку, но ако веруваш во Бог − во Него никогаш нема да се разочараш! Трагедиите настануваат кога луѓето не умеат да ги разликуваат овие две значења. Даровите Божји не се такви за тие да зависат од свештеничките добродетели“. Што би рекол – зависат исклучиво од нас, од нашето смирение, односно послушание.

Досега напишаното е за оние што се трудат да поверуваат, а за оние што сепак имаат барем грам вера − еве што вели свети Јован Лествичник: „’Со секој здив сеќавај се на зборовите Христови: Кој претрпи докрај, ќе се спаси (Мт. 10, 22). Оди и ако е можно, пронајди за себе што посуров и построг човек по природа. Остани непоколеблив и пиј ги секојдневно исмевањата и навредите како мед и млеко‘. А братот му рече на великиот Јован: ’А што да правам, отец, ако тој живее небрежно?‘ Старецот му одговори: ’Дури и да го видиш да блудничи, не напуштај го, но речи си во себе: пријателе, зошто си овде? Тогаш ќе видиш како гордоста исчезнува од тебе...‘“. Да не случајно ова послушание светите Отци го нарекуваа слепо послушание? И дали после сето ова што го прочитавме од светите Отци гледаме некаков основ да се самооправдаме за нашето непослушание?

И запаметете: ваквиот вид послушание – кон духовен отец, се однесува само на првиот степен од духовниот развој, очистување на срцето од страстите, односно за првиот степен од природниот начин на живот во кој секој православен христијанин е повикан да влезе, но никако не и потоа. Со отворањето на доволно очистеното срце од страстите и со откривањето на местото на срцето, христијанинот го добива дарот на умно-срдечната молитва и потоа него го води самата благодат Божја која постојано го просветлува неговиот ум. Ова се случува на вториот степен од духовниот развој – просветлување. Послушанието, односно духовното раководство, не треба да се сфати идолопоклонички, како доживотна потчинетост на кој било човек (таканаречен  „гуруизам“): „Вие сте скапо платени, не станувајте робови на луѓе“ (1. Кор. 7, 23).

Не ви чини Наум кога пишува за послушание на првиот степен од духовниот раст? Еве ви ги, исто така, светогорските отци – светиот Старец Јосиф и светиот Старец Софрониј. И тие не ви чинат? Еве ви ги тогаш великите учители на Црквата – свети Јован Златоуст и свети Јован Лествичник. Ако и тие не ви чинат, еве ви ги врховните Апостоли Петар и Павле, нив слушајте ги. Или чекајте, сите овие не се сега овде меѓу нас, па сами ќе си ги толкуваме нивните списи, зашто овие што се меѓу нас се недостојни, нели? Само внимавајте на крај и Богочовекот Христос, Кој „Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2, 8), да не нѐ ви чини, па да завршите како Јуда.

 

Митрополит Струмички Наум