Сеноќно бдение со Божествена Литургија во манастирот во Велјуса на празникот на Раѓањето на Пресвета Богородица
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение со Божествена Литургија во манастирот во Велјуса на празникот на Раѓањето на Пресвета Богородица (21.09.2015 09:09)

Бог во послушание

Како да се избегне замката нашиот разум да стане компатибилен со демонскиот разум? Ќе ја избегнеме со тоа што ќе се трудиме колку повеќе можеме да ја користиме примарната функција на умот, а практично тоа би значело – постојано да се трудиме да  бидеме во заедница со Бог преку послушание и молитва. Зошто го ставивме послушанието, односно ставањето на паднатиот ум во процес на исцеление пред молитвата? Затоа што пред да влеземе во природен начин на живот и постоење, а тоа ни го овозможува само послушанието, секој подвиг во Црквата би бил бесплоден.

Уште поконкретно тоа значи дека при секоја забелешка, опомена или карање од страна на духовниот отец (или од страна на ближниот) нашиот прв и единствен одговор секогаш треба да биде зборот „прости“. Објаснување даваме само ако духовниот отец (ближниот) нѐ праша. Секое објаснување без прашање, е всушност,  речиси секогаш самооправдување. Само на овој начин ќе го згазиме своето демонско самољубие и демонска гордост. Природно, вака „притегнати“, нема кај да бараме утеха освен во Бог, па ќе се вратиме кон молитвата и покајанието – како севкупен процес на самопроверување според петте контролни точки. Паралелни односи (со други браќа и сестри) се уште полоша појава наспроти самооправдувањето пред духовниот отец.

Духовниот отец, и да сака, не може и не би требало да им помага на луѓето кои бараат помош од него (освен молитвено и со некоја основна материјална помош), сѐ додека тие не влезат во целосрдечно, барем, аскетско послушание кон него. Затоа што тие, како прво, бираат што ќе слушаат а што не – согласно тоа како ним им одговара (читај – како на демонот му одговара), а во таков случај Бог нема да содејствува; и како второ, духовниот отец ако и покрај тоа се обиде да им помогне (заради некаква сентиментална поврзаност), повторно нема да успее – од горенаведената причина, а може да се најде и во опасност да биде изигран од демоните (и на духовен и на материјален план) ако проба да исполнува желби на луѓе кои не се во послушание на Бог туку на демонот.

Да не се залажуваме: или сме во послушание на Бог или сме во послушание на демонот. Или ја преобразуваме енергијата на умот или го храниме само разумот. Трета опција немаме.

Послушанието кон Бог, нема никаква врска со робовскиот и наемничкиот однос. Послушанието е најчудесната тајна на нашиот слободен личносен однос со Бог. Само во оваа тајна човек расте како слободна личност до бескрајните димензии на боговподобувањето. И само во оваа тајна Бог му станува послушен на човекот. Зарем тоа не го гледаме во животот на Пресвета Богородица? Послушанието е Нејзината најинтимна љубовна тајна. Нашиот ум и нашето слово се немоќни пред оваа тајна, но она што сепак е очигледно за сите е фактот дека одеднаш Бог почнува Неа да ја прашува за дозвола дали да прави или да не прави нешто – почнува Неа да ја слуша.

Само видете го оној неискажлив момент од светата Благовест – без Нејзиното „нека ми биде“ ништо не стана од тоа што потоа стана во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот. Или видете го оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска – „немаат вино“. Дали, после навидум грубиот одговор, Таа нешто Го замоли или Му се обрати повторно? Не, им се обрати на слугите – „направете како што ќе ви рече“! А Кој постапи според Нејзината желба? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој кому овде му е послушен? И што овде не е јасно?!

 

                                                                                              Митрополит Струмички Наум