Божествена Литургија во Велјуса
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Велјуса (11.09.2015 10:16)

 

Убиец на покајанието

           

            Во денешното евангелие (види: Марко 6, 14-29) ни се открива како страста славољубие ја убива добродетелта покајание во човекот. Уште ни се открива како, всушност, славољубието е најголемата и најсилната страст на човекот. Исто така, во Ирод четворовласникот ги препознаваме трите главни страсти: сластољубие, среброљубие, славољубие. Но, како што свети Јован Лествичник пишува, понекогаш страстите се противат една на друга, или една страст во даден момент ја потиснува другата. Така, и кај цар Ирод гледаме дека овие три страсти во исто време немаат ист интензитет и сила, и како посилната страст ја потиснува послабата.

            Имено, во моментот кога ќерката на Иродијада игра и со својот танц го задоволува неговото сластољубие, Ирод е подготвен да даде и половина од царството што му припаѓа. Значи, сластољубието во тој момент го потиснало среброљубието во него. Освен тоа, гледаме дека токму поради своето сластољубие Ирод го држи во затвор свети Јован, затоа што овој го прекорувал дека не смее да ја зема жената на брат му. Но, и покрај сè, ниту сластољубието ниту некакво среброљубие го натерале да го убие свети Јован, туку само да го држи затворен, а и понатаму да го почитува на некој свој начин и да сака да го слуша.

            Но, кога веќе цар Ирод ѝ вети на девојката и ѝ го даде својот збор дека ќе ѝ даде сè што ќе посака, дури и половина од своето царство, таа, поучена од мајка си, ја бара главата на свети Јован Крстител. Иако се сневесели поради тоа, сепак гледаме дека неговото славољубие не му дозволува да го повлече зборот што го дал пред гостите. Очигледно, најмногу од сè Ирод држи до својот збор, до своето јас, до својата гордост и високо мислење за самиот себе.   

Значи, неговото славољубие го убива свети Јован Крстител, односно го убива и покајанието во самиот него.

Слично на него, и ние со нашето славољубие го убиваме покајанието, кое ни е дадено како најголем дар во Христос Богочовекот, во Црквата. Со останатите страсти – среброљубие и сластољубие – исто така му штетиме на покајанието, но на тој начин што го држиме затворено и загушено некаде во нас.

            И да заклучиме: најсилната страст што го убива покајанието во нас е славољубието. Ние, пак, наместо да ја искоренуваме и да ја уништуваме таа страст, продолжуваме да ја негуваме. А како ја негуваме? Па, сакаме секаде да сме први, сакаме сите да нè фалат и да нè слават – исто како лажните пророци. Луѓето што нè навредуваат и повредуваат, кои Бог ни ги „праќа“ за да ни помогне да видиме што имаме во своето срце, за да знаеме и од која страст да го чистиме – луѓе кои се, всушност, дар Божји за нас – ги мразиме и им враќаме зло за „зло“. Со тоа ги отфрламе дарот Божји и Божјата промисла за наше очистување и спасение. Таквото наше однесување значи само хранење и развивање на страста славољубие, во нејзините демонски димензии.

            Свети Јоване Претечо, Крстителу Христов, проповеднику на покајанието и автентичен носителу на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство, моли Го Бог да ни дарува делотворно покајание...!

Митрополит Струмички Наум